Промоција на седмото издание на книгата „Вдахновенија“ од авторот Атанас Конески ќе се одржи во Домот на културата „Кочо Рацин“, денеска во 18 часот. Промотор е Владимир Мартиновски. Станува збор за збирка искази (афоризми, поуки, максими, мудрости) суптилно издвоени од литературата и од животот и вклопени во азбучна целина.
Ковчежето на мудростите од авторот Атанас Конески – „Вдахновенија“, доби седмо дополнето издание. Авторот вели дека на 26 мај 1945 година, Конески го одржал првото предавање за македонскиот јазик и литература во тогашниот Народен универзитет.
– Токму документите за македонскиот јазик го одразуваат односот кон македонскиот јазик. Македонскиот јазик е аксиома, непобитна вистина. Убавиот збор и мудрата мисла се мојата животна определба, како што рече професорката Мојсова-Чепишевска. Тоа треба да е патоказ на секого во животот. Во книгата, секогаш на крајот има една реченица „Мудрите мисли се собираат и вдахновуваат“. Тоа е таа порака и има новитети и затоа книгата има и седмо издание. Тоа е обележјето на оваа книга – вели авторот.
Атанас Конески, покрај својата непосредна и безрезервна посветеност на зачувувањето и продолжувањето на тестаменталното дело на великанот Блаже Конески, успева да најде мотив, повод и енергија за своето животно дело. Станува збор за серијата книги со наслов „Вдахновенија“. Книгата е објавена во издание на „Култура“. Пораката што со „Вдахновенија“ ја остава Атанас Конески гласи: „Внимавај на твоите чувства, оти од нив ќе произлезат твоите зборови; Внимавај на твоите зборови, оти од нив ќе произлезат твоите постапки; Внимавај на твоите постапки, оти од нив ќе произлезат твоите навики; Внимавај на твоите навики, оти од нив ќе произлезе твојот карактер; Внимавај на твојот карактер, оти од него ќе произлезе твојата иднина“.































