Фото: ЕПА

Брисел подготвува нови мерки со кои компаниите во Европската унија би биле обврзани клучните суровини и компоненти да ги набавуваат од најмалку три различни добавувачи, со цел да се намали зависноста од Кина.

Според британскиот весник „Фајненшл Тајмс“, правилата би важеле за повеќе стратешки сектори, меѓу кои хемиската индустрија и производството на индустриски машини. Се предвидува уделот на еден добавувач да биде ограничен на околу 30 до 40 проценти од вкупните набавки, додека остатокот би требало да се обезбедува од најмалку три компании од различни држави.

Мерките се дел од пошироката стратегија на ЕУ за намалување на ризиците поврзани со доминантната улога на Кина во преработката на критични минерали што се користат во производството на полупроводници, електрични возила и напредно оружје.

Еврокомесарот за трговија Марош Шефчович најави и можни казнени царини за кинески хемикалии и машини, со цел намалување на трговскиот дефицит и заштита на европските компании од, како што наведе, „трговска агресија“.

Во меѓувреме, Шефчович и американскиот државен секретар Марко Рубио потпишале меморандум за соработка во областа на критичните минерали.

Предлозите треба да бидат разгледани на состанок на Европската комисија на 29 мај, а можно е лидерите на ЕУ да ги одобрат до крајот на јуни.