РАКОМЕТ – ПО УБЕДЛИВИОТ ГОСТИНСКИ ТРИУМФ НАД СЛОВАЧКА
- Со сигурна, полетна, а на моменти и еуфорична игра во Прешов, Македонија убедливо со 31-24 ја совладаа домашната селекција на Словачка во првиот од двата бараж-натпревара во рамките на квалификациите за учество на СП во Германија идната година
Машката ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров, со сигурна, полетна, а на моменти и еуфорична игра во „Татран Арена“ во словачкиот град Прешов, убедливо со 31-24 ја совладаа селекцијата на Словачка во првиот од двата бараж-натпревари во рамките на квалификациите за учество на 30. јубилејно Светското првенство (СП) в година во Германија и е на чекор до посакуваниот пласман. Реваншот е закажан за утре (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а предноста од седум гола и секако многубројната поддршка што се очекува од домашната публика ќе создадат посакувана навивачка атмосфера за уште една победа над истиот ривал.
Со убедливиот триумф на гости, црвено-жолтите може да се каже дека се веќе со едната нога на СП идната година, потребен е само уште завршниот исчекор со кој по десетти пат, а осми во низа ќе бидат дел од светските првенства. Да потсетиме дека Македонија досега играла на мундијалите во Египет 1999 (18 место), Хрватска 2009 (11), Шпанија 2013 (14), Катар 2015 (9), Франција 2017 (15), Данска/Германија 2019 (15), Египет 2021 (23), Полска/Шведска 2023 (27) и Хрватска/Данска/Норвешка 2025 (15). Словачка, пак, како самостојна држава, досега настапила само на две СП, и тоа во 2009 година, кога била 10-та и во 2011 година кога завршија на 17-то место.
Сега и меѓусебниот резултат, кој беше нерешен, до дуелот во Прешов, по одигрувањето на двата сегашни натпревари, ќе помине на страната на Македонија, односно на официјалните натпревари би бил 3-1 во победи во корист на избраниците на селекторот Лазаров, под услов Словачка да биде поразена и во Скопје. Пред овој дуел, тоа се случи во квалификациите за ЕП 1996 година, кога Македонија дома победи со два гола разлика, 28-26, но, на гости загуби исто така со два гола, 24-26. И гол-разликата беше еднаква, Македонија дала и примила вкупно 52 гола (26 во просек по меч).
– Честитки за ангажманот на ракометарите. Искрено, не очекував толку висока победа. Како и да се вика противникот, гостински терен си е гостински, а посебно кога се игра против национална селекција. Но момците имаат добра атмосфера и не се сомневам на добро издание и во недела, бидејќи заслужија со игрите во последниот период да имаат голема поддршка во недела. Ќе се одмориме малку и ќе се подготвиме повторно максимално за натпреварот кој нѐ очекува – рече по победата над Словачка, македонскиот селектор Лазаров.
Победата во Прешов се наѕираше уште по првите 30 минути кога Македонија поведе со пет кола разлика (18-13), а беше заверена во вториот дел со уште два гола повеќе, благодарение на цврстата одбрана на чело со голманот Мартин Томовски и брзите контри, за рутинска завршница и конечни 31-24. За тоа доволно говори и ефикасноста во нападот на Македонија од 31 отсто наспроти 21 отсто на Словаците, одбраната од 31 отсто во однос на 21 отсто на домаќинот, како и шесте технички грешки на македонските ракометари во однос на 11-те на ривалот. Најефикасен во македонските редови беше капитенот Филип Кузмановски со 10 гола (четири од седум метри), Милан Лазаревски постигна седум, а Марко Митев и Ненад Костески по три. На голот доминираше Мартин Томовски со 13 успешни интервенции. Кај Словаците најпрецизни со по четири погодоци беа Шимон Махач и Јурај Бриатка.
Свој коментар по мечот имаше и словачкиот селектор, Шпанецот Фенандо Гурих.
– Денес одбраната не функционираше. Во првото полувреме не ги контролиравме пикерите, бевме многу нефокусирани. Имавме и неколку шанси од прекини, преку пикерите и од седмерците, но не успеавме да ги искористиме. Во последните 15 минути од првото полувреме го изгубивме фокусот, мораше да го поправиме тоа по паузата, но не ги искористивме шансите – изјави Гурих за тамошните медиуми.
Вкупно од Европа на Мундијалот в година преку баражот ќе се пласираат 10 репрезентации, а директен пласман обезбедија Германија, Данска, Хрватска, Исланд, Португалија и Шведска.
Како што е познато, веќе се пуштени во продажба билетите за реваншот-натпреварот со Словачка за пласман на СП в година во Германија. Цените на билетите се 400 и 500 денари, а достапни се преку продажната мрежа на „MK тикетс“ (и на линкот https://mktickets.mk/event/makedonija-slovacka/). Г.И.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027, ПРВ МЕЧ
Чешка – Франција 26-37
Швајцарија – Италија 32-29
Грција – Холандија 29-27
Норвешка – Турција 43-30
Австрија – Полска 25-26
Словачка – Македонија 24-31
БиХ – Фарски Острови 22-24
Србија – Унгарија 31-29
Црна Гора – Словенија 28-29
Шпанија – Израел 32-27
реваншите се играат денеска и утре
































