Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА

  • Во генералниот пласман води Португалецот Алфонсо Еулалио

Италијанскиот велосипедист Давиде Балерини ја освои шестата етапа на престижната велосипедска трка Џиро д’Италија, која се возеше од Пестум до Неапол, во должина од 142 км. Тој ја мина полупланинската етапа за три часа, 19 минути и 32 секунди. Сепак, Балерини стигна до посакуваната победа откако голема група велосипедисти финишираа на патеката од калдрма. Втор низ целта мина Белгиецот Јаспер Стајвен, додека Французинот Пол Мание заврши трет.
Самата завршница беше обележана со голем пад во последниот свијок, на само 300 метри пред целта, кога неколку велосипедисти завршија на лизгавата калдрма, а кои атакуваа на етапна победа. Мание, кој веќе оствари две спринтерски победи на Џиро 2026, успеа да го избегне падот.
По оваа етапа во генералниот пласман води Португалецот Алфонсо Еулалио, кој ја задржа розовата маичка со предност од две минути и 51 секунда пред Шпанецот Игор Ариета, додека Италијанецот Кристијан Скарони е трет со заостанување од три минути и 34 секунди. Седмата етапа, која се возеше вчера, е најдолга (244 км) на годинашното 109-то издание на Џиро, кое завршува на 31 мај во Рим. Г.И.