фото: МВР

Околу 20 илјади граѓани од сите оператори се јавиле на телефонскиот број 078 274 283, кој беше поставен на повеќе билборди во Скопје изминатите денови при што од другата страна не добиле одговор, што била и целта на оваа активност во рамки на Кампањата за побезбеден сообраќај: „Одговорно со технологијата“, која А1 Македонија заедно со Министерството за внатрешни работи денеска и официјално ја претставија.

Националната општествено одговорна кампања „Одговорно со технологијата“ е насочена кон подигнување на јавната свест за ризиците од неодговорно користење мобилен телефон и дигитална дистракција во сообраќајот.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев изјави дека контроверзната кампања со билбордите низ Скопје, на кои имаше телефонски број што не одговараше на повиците, ја постигнала својата цел.

– Навистина можам да кажам дека станува збор за една храбра идеја што даде одлични резултати. Огромен број луѓе го забележаа овој телефонски број, многумина се јавија, а од другата страна не добија повратен одговор. Навистина беше специфичен, а би рекол и морбиден аспектот на она што го спроведувавме како процес, но токму тоа беше целта. Целта беше еден секојдневен настан, кој за полициските службеници, за докторите во здравствените установи и за сите оние што се прв одговор при секоја сообраќајна незгода е секојдневие, да стане момент што ќе допре до секој граѓанин кој ќе се јави на овој телефонски број, а притоа нема да добие повратен одговор. Навистина, кампањата ја оствари целта во својата прва фаза. Ќе следува и втора фаза од оваа кампања, а ќе оставам тимот на А1 Македонија да ве запознае со сите детал – истакна Тошковски.

Тој додаде дека доколку сите општествено одговорни компании во државата, сите медиуми, секоја институција дадат мал придонес во решавањето на еден од најголемите проблеми на македонските граѓани, а тоа е хаосот на македонските улици од аспект на сообраќајните незгоди и последиците од нив, сигурен е дека ќе успеат во она што го поставиле како стратегија, а се однесува на намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Министерот истакна дека само во првите четири месеци, споредено со 2025 година, има значително намалување на сообраќајките. Во 2025 година имало 47 жртви во првите четири месеци, а оваа година бројката е намалена на 26 жртви.

– Тоа е драстично намалување во споредба со претходните години. Значи, сите македонски граѓани што на некој начин придонеле, помогнале да се спаси човечки живот, спасиле 21 живот за овие четири месеци – рече Тошковски

На територијата на Скопје во април 2025 година имало осум жртви, а оваа година истиот месец нема ниту една жртва.

Главен извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, истакна дека иако пред неколку месеци беше лансирана платформата „Безбеден град“, за жал сме сведоци на сè поголем број сообраќајни незгоди што се предизвикани од неодговорно користење на технологијата, пред сè, на мобилните телефони.

– За жал, сите сме сведоци на нашите улици и патишта како учесници во сообраќајот возат и разговараат на телефон додека управуваат моторно возило. За жал, исто така, гледаме и како се допишуваат додека возат, млади луѓе што сурфаат на социјални мрежи додека управуваат електрични тротинети, како и пешаци што се целосно нефокусирани на околината. Тоа беше и нашата визија, ние како А1 Македонија, како најголем мобилен оператор во државата, да иницираме ваква кампања за да ја подигнеме свеста за одговорното користење на технологијата – додаде тој.

Мирчев рече дека кампањата беше малку шокантна и предизвикала огромно внимание.

– Како што беше спомнато претходно, имавме повеќе од неколку десетици илјади пропуштени повици. Целта беше да направиме кампања што ќе привлече внимание, затоа што и темата што ја адресираме е критична за сите нас. Технологијата е тука и ќе остане. Сите ние користиме мобилни телефони и ќе продолжиме да ги користиме, но треба да бидеме свесни дека таа секунда, поточно дел од секундата, кога не внимаваме и сме фокусирани на телефонот, може целосно да ни го промени животот, а не дај Боже и да одземе нечиј живот – нагласи тој.

Оваа иницијатива, како што појасни е дел од една поширока платформа и во периодот што следува ќе има и дополнителни активности.

Во врска со тоа дека системот на Безбеден град не регистрира зборување на мобилен и дали МВР има некакба статистика колку сообраќајки поради овој прекршок, Тошковски рече дека не е сигурен дали има конкретна статистика за користење мобилен телефон, но истакна дека е сигурен оти и тоа како има такви причини што доведуваат до сообраќајни незгоди.

– Сите знаеме дека е забранета употреба на мобилен телефон додека управуваме моторно возило. Секој од нас знае колку често се случува да користиме мобилен телефон додека возиме. Со вакви кампањи сигурен сум дека ќе придонесеме тоа да се случува сè поретко, а најдобро би било воопшто да не се случува додека управуваме моторно возило. Лично сум сведок на ситуации каде што, поради гледање во телефонот, се случиле несакани последици. Сигурен сум дека со максимално ставање во фокус на оваа тема ќе придонесеме кон побезбеден сообраќај и помал број жртви – рече министерот.

Истакна дека дополнително ќе се унапредува системот во насока на зголемување на бројот на прекршоци што ќе бидат детектирани и тоа ќе се прави во иднина, но се оди чекор по чекор. А една од првите фази што ќе се имплементираат е во делот на неправилното паркирање.

– Тука имаме предизвици, бидејќи повеќе институции мора да бидат вклучени, како што се Град Скопје, општините и други институции. Во делот на новите процеси сме внимателни, затоа што станува збор за многубројни прекршоци и не сакаме, без целосно утврдени правила, да влеземе во процес на казнување. Како што најавив и претходно, прв таргет за имплементирање на овие нови можности за детектирање прекршоци од страна на паметниот систем ќе бидат главните сообраќајници во Градот Скопје, односно булеварите – нагласи Тошковски.