Конфликтот на Блискиот Исток и нарушениот сообраќај низ Ормускиот Теснец сериозно ги погодуваат африканските економии, предупредува „Дојче Веле“. Недостигот на нафта и вештачки ѓубрива веќе предизвикува поскапувања, недостиг на гориво и ризик од намалено производство на храна во повеќе африкански земји.
Поради кризата, делови од Африка се соочуваат со долги редици на бензински пумпи, ограничувања на електричната енергија и зголемени трошоци за транспорт и земјоделство. Особено погодени се земјите кои зависат од увоз на нафта и суровини за производство на ѓубрива.
Од Африканска Унија велат дека состојбата внимателно се следи бидејќи влијае врз клучни сектори како енергетиката, земјоделството и прехранбената безбедност.
Цените на ѓубривата веќе бележат драматичен раст. Во Јужна Африка, според локалните производители, амонијакот поскапел за повеќе од 75 проценти, а уреата за околу 60 проценти во споредба со лани.
Експертите предупредуваат дека дополнително намалување на употребата на ѓубрива може да доведе до пониски приноси на пченка, ориз и пченица, што директно ќе влијае врз цените на храната и ќе го зголеми ризикот од глад.
Како можни решенија се предлагаат:
- заедничка набавка на ѓубрива од страна на африканските држави,
- развој на регионално производство,
- забрзување на слободната трговија во рамки на Африка,
- и постепено намалување на зависноста од фосилни горива.
Аналитичарите оценуваат дека кризите како војните во Украина и Иран покажале колку африканските држави се ранливи кога глобалните транспортни и енергетски рути ќе бидат нарушени.
































