Од вкупно анализирани 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени кардиохируршки операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај девет случаи утврдила сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, и тоа, на пример, несогласување меѓу ангиографските наоди од коронографијата и писмениот извештај, по што следувало несоодветна индикација за процедурите, било да се ендоваскуларните или хируршките – соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу, кој информира за резулатите на странската комисија за проверка на сомнителните случаи, а на што прв укажа академик Сашко Кедев.
– Во однос на овие случаи, комсијата оценува, цитирам: „дека одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаело врз клиничкиот исход врз нив“. Пациентите се на возраст од 45 до 78 години, кои беа предмет на анализа. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во јавните и во приватните здравствени установи. Станува збор за случаи од неколку приватни и државни клиники и болници во земјата. Во ЈЗУ Универзитетската клиника на кардиологија, ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиохирургија, Клиничката болница – Штип, ГОБ „8 Септември“, ПЗУ „Кардио арт“ – Штип, Клиничката болница „Жан Митрев“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ – рече Алиу, пренесе МИА.
Тој истакна дека овие наоди се сериозни и не смее да се релативизираат. Но, исто така, тие, вели, не смее да се користат за генерализирање и нарушување на угледот на целата лекарска професија и за стигматизација на установите. Забележа дека голем број лекари во нашата држава работат стручно и чесно.
Меѓународната комсија од експерти беше составена во февруари и во неа предметите, односно случаите, ги разгледуваа тројца лекари специјалисти, тоа се доктор Уголини Ливи, кардиохирург од Италија, доктор Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, и доктор Черчер Миха, интервентен кардиолог од Словенија.
– Целта беше да се обезбеди независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија во нашата држав, како и да помогнеме во препознавање на можните системски празнини во системот. Одговорност, транспарентност и заштита на пациентите беа водечки принципи од целиот овој процес – рече Алиу.
Меѓународната комисија минатата недела ги има доставено наодите од стручниот увид и, како што вели министерот Алиу, тие наоди во значен дел се поклопуваат со наодите на домашната интерна комисија составена од девет члена.
– Што е особено важно дека двете комисии работеа независно една од друга – нагласи Алиу.
Деветте сомнителни случаи и наодите од меѓународната комисија ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, ДКСК и сите надлежни институции во земјата.


































