Фото: „Нова Македонија“ / Илустрација

Според најновите податоци на Евростат, во 2025 година само 23,4 проценти од домаќинствата во Европска Унија имале деца.

Од вкупно 203,1 милиони домаќинства во ЕУ, 47,4 милиони биле семејства со деца. Најголем дел од нив биле парови со деца, кои сочинувале 14,7 проценти од сите домаќинства. Другите типови домаќинства со деца учествувале со 5,6 проценти, додека самохрани родители сочинувале 3 проценти.

Поголемиот дел од домаќинствата во Унијата, односно 76,6 проценти, биле без деца. Од нив, 37,5 проценти биле самохрани возрасни лица, 24,1 проценти парови без деца, а 15,1 проценти други типови домаќинства.

Податоците покажуваат значителен раст на домаќинствата со самохрани лица без деца во периодот од 2016 до 2025 година. Нивниот број пораснал за 19,2 проценти, од 63,9 на 76,1 милиони. Во исто време, бројот на парови без деца се зголемил за 3,3 проценти.

Од друга страна, бројот на домаќинства со парови и деца е намален за 6,3 проценти, додека другите видови домаќинства со деца бележат пад од 3,5 проценти.

Најголем удел на домаќинства со деца имаат Словачка со 35,4 проценти, Ирска со 30,8 проценти и Кипар со 28,2 проценти. Најмал удел е регистриран во Финска, Литванија и Германија.

Во однос на бројот на деца, повеќе од половина од домаќинствата со деца во ЕУ имале едно дете, 37,6 проценти имале две деца, а 12,2 проценти три или повеќе деца.

Најголем удел на семејства со едно дете е забележан во Португалија, Бугарија и Малта, додека најмногу семејства со две или повеќе деца има во Шведска, Холандија и Ирска.