Полициски службеници од Отсекот за криминалистичка полиција при СВР Штип вчера во 19.50 часот го лишиле од слобода 65-годишниот А.Ш. од Штип, поради сомнение за недозволени дејствија врз малолетни ученички.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, тој како управител на образовен центар во Штип, за време на одржување дополнителна настава, подолг период допирал по телото неколку малолетни ученички.
Настанот бил пријавен во полициска станица од родители, во присуство на ученичките и претставници на Јавната установа – Меѓуопштински центар за социјални работи Штип.
Со судска наредба биле извршени претреси во неговиот дом и во просториите на образовниот центар, при што биле одземени предмети за понатамошна постапка.
Осомничениот бил задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него е поднесена кривична пријава. Судија на претходна постапка му определил мерка притвор во траење од 30 дена.

































