Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Македонија нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европска Унија, но нагласи дека нема да прифати „пазар со идентитетот и достоинството“.

На свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, Мицкоски истакна дека Европа не ја гледа само како географски поим, туку како систем на вредности заснован на демократија, владеење на правото и почитување на различностите.

 – Ние верувавме во Европа и сè уште веруваме дека тоа е нашиот единствен пат. Но постои и горко искуство од многу откажувања, препреки и неразумни спорови на овој пат – рече премиерот.

Тој оцени дека неправдите и двојните стандарди создаваат длабока фрустрација кај граѓаните, особено кога, како што рече, принципите не важат еднакво за сите држави.

Мицкоски повика на дијалог и изнаоѓање трајни решенија што нема да создаваат нови товари за идните генерации.

 – Мора да разговараме и да се обидуваме, затоа што само така можеме да дојдеме до решенија. Но не решенија што ќе остават тежок товар на нашите потомци, туку решенија што ќе ни овозможат да одиме напред – истакна тој.

Премиерот повтори дека нема да прави компромиси со националниот идентитет и достоинството во замена за политички или лични придобивки.

 – Пазар со идентитетот и со нашето достоинство никогаш нема да правам. Честа нема цена и никогаш нема да нанесам штета на државата – порача Мицкоски.

Во обраќањето тој се осврна и на актуелните предизвици со кои се соочува Европа, вклучително и војните, поделбите, економската неизвесност и радикализмот, нагласувајќи дека Македонија треба да биде фактор на разум, стабилност и единство.