Премиерот Христијан Мицкоски денеска, по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, порача дека подвигот на борците кои ги положиле своите животи за слободата не смее да биде заборавен или релативизиран.
На свеченоста организирана пред Владата во Скопје, Мицкоски истакна дека македонскиот народ за време на Втората светска војна бил на вистинската страна на историјата, заедно со Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците.
– Илјадници борци ги положија своите животи за слободата која денес ја живееме. Тие не се бореа само против окупаторот, туку и за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик и да го зачува својот идентитет – рече премиерот.
Тој нагласи дека слободата никогаш не е подарок, туку избор, жртва и одговорност, додавајќи дека македонските предци биле „на страната на слободата и против фашизмот“.
– Ниту сега, ниту во иднина нема да замолчам кога станува збор за вистината за нашата борба и за заслугите на нашите предци – порача Мицкоски.
Во своето обраќање премиерот истакна дека Македонија нема друга иднина освен интеграцијата во Европска Унија и повика на дијалог, разум и трајни решенија кои нема да остават нови товари за идните генерации.
Тој додаде дека во време кога повторно се појавуваат пораки на омраза и поделби, потребно е општеството да се обедини околу заедничките цели – подобар живот, посилна економија и праведна држава во која младите ќе сакаат да останат.
Свеченоста беше организирана по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.































