Светот денеска го одбележува 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, датум што го означува официјалниот крај на Втората светска војна во Европа по безусловната капитулација на нацистичка Германија во 1945 година.
Капитулацијата на Третиот Рајх беше потпишана во Берлин, во првите минути на 9 мај, од претставници на германската команда и сојузничките сили. Во име на Германија документот го потпишаа фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург, додека од сојузничка страна потпис ставија советскиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.
Во Втората светска војна учествуваа 61 држава и речиси целото тогашно светско население. Според историските проценки, војната однесе повеќе од 50 милиони животи, од кои околу 20 милиони биле жители на тогашниот Советски Сојуз, а повеќе од 30 милиони биле цивили.
Во нацистичките логори биле убиени околу 12,5 милиони луѓе, меѓу кои и шест милиони Евреи во Холокаустот. Материјалната штета во Европа се проценува на околу 260 милијарди долари.
Војната на Далечниот Исток заврши неколку месеци подоцна, на 2 септември 1945 година, по капитулацијата на Јапонија по атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки.
Македонија за време на Втората светска војна беше дел од антифашистичката коалиција. Според историчарите, во борбите против фашистичките окупатори загинале околу 33.000 луѓе, меѓу кои и повеќе од 7.000 македонски Евреи депортирани во логорот Треблинка.
По повод Денот на победата над фашизмот, денеска во Скопје се организираат комеморации и положување цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ и на партизанските гробишта во Бутел.
































