Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека постои сомнеж за пренесување на хантавирус од човек на човек на крузерот „Хондиус“, кој моментално е закотвен кај Зелено’ртските Острови. Ова на прес-конференција во Женева го изјави епидемиологот на СЗО, Марија Ван Керхове.
Тројца патници на бродот починале во сомнителната епидемија – постара двојка од Холандија и државјанин на Германија. На крузерот има околу 150 патници и членови на екипажот, а СЗО моментално истражува вкупно седум можни случаи на инфекција. Лабораториските тестови сè уште се во тек.
Претходно, СЗО на социјалната мрежа Х соопшти дека инфекциите со хантавирус најчесто се поврзани со изложеност на урина или измет од заразени глодари. Сепак, Ван Керхове посочи дека варијантата „Андес“ овозможува и пренесување меѓу луѓе, што е една од главните сомнежи во овој случај.
Според досегашните информации, можно е синџирот на инфекција да започнал со холандската двојка, која можеби била заразена уште пред качувањето на бродот. Епидемиологот наведе дека многу патници учествувале во излети за набљудување диви животни и други активности за време на крстарењето. Таа додаде дека можно е понатамошното ширење да се случило во затворените простории на бродот, но не ја исклучи ниту можноста за заразување од глодари на островите посетени за време на патувањето.
Холандскиот оператор „Оушнвајд експедишнс“ тврди дека на бродот нема стаорци. „Хондиус“ пловел од Аргентина кон Зелено’ртските Острови кога патниците почнале да се разболуваат.
Холандија ги координира напорите за евакуација на преостанатите патници и членови на екипажот, бидејќи бродот плови под холандско знаме. Според холандското Министерство за надворешни работи, три лица, меѓу кои и еден холандски државјанин, треба што поскоро да бидат евакуирани и пренесени во Холандија.
Тур-операторот соопшти дека на двајца членови на екипажот им е потребна итна медицинска помош. Засега нема нови сомнителни случаи освен веќе пријавените.
Хантавирусот може да предизвика треска и тешки респираторни заболувања кај луѓето. Според СЗО, пренесувањето од човек на човек е ретко, а луѓето најчесто се инфицираат со вдишување заразена прашина или преку каснување. Појава на вакво жариште на брод се смета за исклучително невообичаена.

































