Фото: Пиксабеј / Илустрација

САД испратија остро предупредување до бродските компании дека би можеле да се соочат со санкции доколку плаќаат „патарина“ на Иран за безбеден премин низ Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на енергенси.

Предупредувањето го издаде Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) и претставува нов чекор во ескалацијата на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран околу контролата врз овој стратешки теснец, преку кој во нормални услови поминува околу една петтина од глобалната трговија со нафта и гас.

Ситуацијата се влоши откако Иран практично го ограничи движењето низ теснината со напади и закани кон бродови, по американско-израелските напади на 28 февруари. Во меѓувреме, Техеран почна да нуди „безбеден премин“ за одредени земји, пренасочувајќи ги бродовите поблиску до својот брег, при што во некои случаи наплаќа надомест.

Токму ваквите плаќања се во фокусот на американското предупредување. Од ОФАЦ потенцираат дека санкциите може да се применат без разлика на начинот на плаќање – било да станува збор за готовина, компензација, размена на услуги или дури донации и трансакции преку дипломатски канали.

– Ова предупредување има за цел да ги информира сите субјекти за ризиците од санкции доколку вршат плаќања кон иранскиот режим или бараат гаранции за безбеден премин – соопштија од ОФАЦ.

Како одговор на потезите на Иран, САД на 13 април воведоа поморска блокада, со што се спречува извозот на иранска нафта. Според Централната команда на САД, досега на 45 комерцијални бродови им е одбиен премин.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли најновиот предлог на Иран за прекин на конфликтот.

– Тие сакаат договор, но јас не сум задоволен. Ќе видиме што ќе се случи – изјави Трамп, додавајќи дека иранското раководство е „неповрзано и збунето“.

Тензиите околу Ормускиот Теснец продолжуваат да го зголемуваат ризикот за глобалната трговија и енергетската стабилност.