фото: Н.М.

Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука грејната сезона да се продолжи за уште два дена, односно на 1 и 2 мај, иако официјално завршува на 30 април.

Со одлуката се задолжуваат компаниите ЕСМ Снабдување, ЕСМ Енергетика и Енерџи Еколинк (поранешна Топлана Скопје Север) да продолжат со испорака на топлинска енергија.

Како што информираат од РКЕ, одлуката е донесена врз основа на податоците од Управа за хидрометеоролошки работи, кои покажуваат невообичаено ниски температури за овој период од годината.

 – Целта е обезбедување квалитетно снабдување со топлинска енергија и заштита на потрошувачите – наведуваат од Комисијата.

Според најновата прогноза, времето ќе биде променливо облачно и свежо со врнежи од дожд, локално пообилни. Поради продор на постуден воздух од север, на планините се очекуваат и врнежи од снег.

Ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој на места долж Повардарието ќе надмине 60 километри на час, додека дневните температури ќе се движат од 10 до 18 степени.

Во Скопје се очекува облачно време со повремени врнежи од дожд и максимална температура до 13 степени.