Швајцарија останува еден од најзначајните партнери на Македонија во развојната соработка, а постои сериозен потенцијал за дополнително зајакнување на билатералните односи, особено во економијата и трговијата, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
На состанокот, на кој присуствувале и претставници на Владата и бизнис-заедницата, се разговарало за можностите за продлабочување на соработката, за заедничките предизвици и за идните чекори во зајакнување на партнерството.
– Разговаравме за сите можности, за предизвиците, но и за она што нѐ поврзува и како тоа дополнително да го засилиме. Убеден сум дека во наредниот период билатералните односи ќе го достигнат нивото што го очекуваме, особено во економската соработка и трговската размена – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со интензивни активности за унапредување на односите и изрази благодарност за досегашната поддршка од Швајцарија.

































