КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Купер Флег од Далас ја освои наградата за дебитант на годината во кошаркарската НБА-лига, пред поранешниот соиграч од Дјук, Кон Кнуепел, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Двајцата се на првото и на второто место според бројот на постигнати поени меѓу дебитантите. Флег стана првиот дебитант по Мајкл Џордан во сезоната 1984/85 што го предводеше својот тим во поени, скокови, асистенции и во украдени топки, пишува АП. Флег постигна 96 поени во два меча во претпоследниот викенд, во првиот од тие натпревари постигна 51 поен, првпат тинејџер да постигне 50 поени во НБА, со што го собори сопствениот рекорд за тинејџер од 49 поени, пишува АП.
Тоа беше едно од најтесните гласања во историјата на изборот за дебитант на годината, откако само 26 поени ги делеа Флег и Кнупел во гласањето каде што 100 новинари и емитувачи што ја покриваат лигата ги рангираа своите тројца најдобри во таа категорија, при што пет поени одеа за првото место, три за второто и еден за третото. Во 2002 година, Скоти Барнс го победи Еван Мобли со 15 поени разлика, а имаше три години кога наградата беше поделена поради ремито во гласањето, Елтон Бренд и Стив Френсис беа изедначени за наградата во 2000 година, Грант Хил и Џејсон Кид, сегашниот тренер на Флег, беа израмнети во 1995 година, а Дејв Ковенс и Џеф Петри беа изедначени во 1971 година, пишува АП.
Наградата за дебитант на годината е шеста што ја објави НБА по завршувањето на регуларната сезона. Другите наградени досега се Виктор Вембањама од Сан Антонио за најдобар одбранбен играч на годината, Шаи Гилџес-Александер од Оклахома ја освои наградата за играч на годината во клучни моменти од мечевите, Келдон Џонсон од Сан Антонио ја освои наградата за шести играч на годината, Дерик Вајт од Бостон за спортски дух, а Никел Александер-Вокер од Атланта ја освои наградата за играч со најголем напредок. Други награди, чии добитници уште не се објавени, се таа за најкорисен играч (МВП, во конкуренција се Гилџес-Александар, Вембањама и Никола Јокиќ од Денвер) и за тренер на годината (Џ.Б. Бикерстаф од Детроит, Мич Џонсон од Сан Антонио или Џо Мацула од Бостон), пишува АП. Н.М.