Бизнис-заедницата очекува продлабочување на економската криза, а доколку има потреба, од Влада на Македонија ќе побара таргетирани мерки за поддршка – изјави претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески.
Според Азески, состојбата засега е под контрола, но мерките треба да зависат од развојот на економските околности.
Тој посочи дека доколку бидат погодени одредени сектори или клучни гранки без кои економијата не може да функционира, неопходно е да се интервенира со прецизно насочена помош.
Азески нагласи дека извозните компании треба да имаат приоритет, бидејќи тие се клучни за мала економија како македонската.
Тој истакна дека компаниите се подготвени за различни сценарија уште од кризата во 2008 година и дека неизвесноста и тешката предвидливост остануваат најголем непријател за водење бизнис.
Дополнително, војната во Украина и геополитичките промени имаат директно влијание врз домашната економија, особено ако се земе предвид дека околу 70 проценти од компаниите се ориентирани кон европските пазари.
Од Комората велат дека ситуацијата постојано се следи и анализира, а соработката со Владата е секојдневна.
Како долгорочни приоритети, Азески ги посочи сериозната борба против корупцијата и сивата економија, брза гасификација на државата и директна поддршка за извозно ориентираните компании.
Тој нагласи дека македонските производи мора да останат конкурентни на најпребирливите европски пазари, а тоа бара стабилни државни политики и предвидливи трошоци за компаниите.
Според него, без силен извоз, мала држава како Македонија нема реални шанси за долгорочен економски развој.

































