Фото: МИА

Надворешната канцеларија за криминалистички работи при Одделение за внатрешни работи Дебар поднесе кривични пријави против две лица осомничени дека преку измама за лекување на наводно болно дете незаконски прибавиле пари, пренесе МИА.

Кривични пријави се поднесени против 19-годишната Х.М. од селото Селокуќи и 28-годишниот И.К. од Дебар, поради сомнение за сторено кривично дело „измама“.

Според информациите од Сектор за внатрешни работи Охрид, во периодот од 10 до 12 март годинава, првопријавената, поттикната од второпријавениот, довела во заблуда повеќе лица преку социјална мрежа.

Таа преку профил управуван од второпријавениот собирала парична помош за операција и лекување на наводно болно дете од Дебар.

На тој начин осомничената стекнала противправна имотна корист во вкупен износ од 3.200 евра и 6.000 денари.

Од полицијата посочуваат дека ова е прв ваков случај регистриран на подрачјето.

Дебарската полиција уште на 13 март предупреди дека се шират лажни информации со цел измама и апелираше граѓаните да не споделуваат лични податоци, да не контактираат со сомнителни лица и да не донираат средства без проверка.