ТРИЛЕР
– Доста е со неизвесност, која е пострашна од сѐ, луѓе, иако таа ќе нѐ следи до крајот на средбава. Жалам што со нас не е почитуваниот член на нашиот гангстерски квинтет, дон Пасквале Бруто, фуријата на Големото Јаболко. Информациите што дојдоа до мене зборуваат дека тој исчезнал и не му се знае трагата. Ако е жив, тогаш тој веројатно се повлекол во самоизолација бидејќи за нас повеќе не се надворешниот свет и новите правила на игра. Или, пак, итрецот подготвува игра со која ќе ги стресе своите наследници. Во секој случај, убаво ќе беше да е тука со нас.
– Од него може да се очекува сѐ – дон Кабузо не ја пропушти можноста да го оцрни својот најголем ривал. – Искрено, не знам како ќе се однесував ако беше со нас овде. Дури и по толку години, јас не можам да го смислам тој лисец!
Никој не му ги позеде зборовите пред сѐ за да не го потпалуваат дон Кабузо. Впрочем, не беше убаво да се зборува зад грбот на оној што не беше присутен на масата.
– Драги мои пријатели – дон Фето побрза да ја надмине оваа по малку непријатна ситуација – секако дека нема да останете пократки за моето објаснување. Сакам да ви кажам дека во последно време ги удвоив напорите за да ја откријам мистеријата околу дон Пасквале, но не успеав во тоа. Затоа, одлучив да напишам книга за него и притоа да ги внесам и оние случки што, освен другото, ќе ја истакнат и смешната страна од неговиот, но и од нашите заеднички животи. И покрај нашето големо ривалство, колку и да не сме се поднесувале, та дури и да сме војувале меѓу себе, секогаш сме негувале нишка на фер постапки во мера што ни го дозволуваше тоа. Со еден збор, светот немаше да биде ист доколку некој од нас настрадаше. Се родивме на Сицилија, својот голем подем го доживеавме под едно друго поднебје. Сепак, тоа го правевме сите заедно.
По говорот на домаќинот, босовите како да се замислија. Молкот ги одведе со мислите во минатото. Навреа сеќавања од сите страни. Пријатни и злокобни, крвави и пародични, та дури и смешни. Да, тоа беше нивната абецеда на однесување, нивниот единствен пат до врвот на паралелниот естаблишмент. Сепак, тие сега беа во вилата на дон Фето, а стварноста им навре силно измешани чувства.
Спонтано, молкот беше заменет со силно ракоплескање.
– Можеби ова ќе биде најтешката задача во мојот живот, ама силно ќе ја поддржам твојата замисла, дон Фето – се јави дебелиот Пјетро Кабузо.
– Дон Пјетро е сосема во право и јас сум со истото мислење – изјави дон Кавалканти.
– Ќе биде мошне интересно – се надоврза дон Вилароса.
– Овој консензус ми дава за право да ја употребам сета своја енергија за достојно одбележување на опусот за дон Пасквале Бруто иако уште верувам во можноста дека е жив и здрав, повлечен во сопствената чаура на животната патека, која полека го означува неговото, ама и нашето зајдисонце. Но да не бидеме песимисти.
– Мене ми беше голем ривал, а ќе речам дури и суров противник – одеднаш дон Кабузо стана невообичаено зборлив. – Се боревме за секоја педа од конгломератот наречен Големото Јаболко. Често паѓаа глави во меѓусебните пресметки. Ама… ете, сакам да му оддадам достојна почит на тој сицилијански пес!
Дон Кавалканти имаше желба да се надоврзе, но во истиот миг го нападна кашлица. Тој сиот се згрчи во обидот да се ослободи од шлајмот. Потоа одмавна со дланка препуштајќи им го зборот на другите.
– Проклето да е…!
Домаќинот се најде до него и силно го удри со дланката по грбот.
– Добро е, дон Фето, ти благодарам – се созеде Кавалканти, а потоа извади шамивче и ги избриша остатоците од матна слуз на усните. – Болеста опасно ме нагризува и не ми се верува дека ќе поживеам.
– Не предавај се, пријателе – му се обрати дон Фето. – Барем денес медицината има завидни резултати. Ќе кажам уште нешто. Сицилија има сува клима и прекрасен воздух. Размисли за твоето враќање во родниот крај.
– Можеби си во право, но ете… како сака нека биде…
– Сакаше нешто да ми кажеш?
– Да, секако. Имам информации дека дон Пасквале Бруто го завршил својот живот на еден, како да се изразам, трагикомичен начин.
– Како тоа? – дон Фето ги крена веѓите. Прашално се загледаа и дон Кабузо и дон Вилароса.
– Што сте се загледале во мене како во вонземјанин? Така е како што ви кажав, момчиња!
– Ти… – дон Вилароса го впери својот показалец во Кавалканти – тврдиш дека дон Пасквале навистина е мртов?
– Si, sicuramente (секако, итал.). Од добро упатени извори, односно од неговото најблиско окружување, до мене стигна веста дека починал кога се понудил да даде крв за еден од своите многубројни внуци. Притоа, со револвер во раката, ги принудил лицата од болничкиот персонал што го опслужувале да не го прекинуваат процесот сѐ до неговата смрт. Евтаназија, ете што!
Кавалканти повторно се закашла, но овој пат кризата не траеше долго.
– Чудно е што дон Бруто немаше ниет да се пензионира. Тој и понатаму успешно ги влечеше конците на сите операции што неговите наследници ги изведуваа со цел да го продолжат неговото дело. Уште почудно е што толку здрав и прав како прч посакал да биде евтаназиран.
– Зошто не кажа уште веднаш, дон Кавалканти? – праша Вилароса подналутено.
– Не знаев што е поводот за оваа наша средба.
– Така е – Вилароса небрежно ги крена рамениците.
– Можам да претпоставам каков ќе биде насловот на книгата што мислиш да ја напишеш – Кавалканти се загледа во дон Фето.
– Ајде да слушнам – беше љубопитен домаќинот.
– Мислам дека „Гангстерскиот квинтет“ би бил најпосакуваниот наслов, зарем не?
– Браво! – дон Фето тропна со дланките, а му се придружија и другите двајца боса. – Не мислев така, ама го прифаќам твојот одличен предлог. Што се однесува до мене, јас ќе ѝ го ставев насловот „Нашата Сицилија“.
– И тоа не е лош избор – се насмеа Вилароса. – Но сепак, мислам дека „Гангстерскиот квинтет“ победи. Сепак, имам и една забелешка. Дали само со четири случки што ние ќе се обидеме да ги раскажеме во врска со дон Пасквале Бруто може да се испечати книга што ќе ја заскокотка љубопитноста на љубителите на гангстерските стории?
– Овие четири приказни ќе претставуваат наш личен придонес кон биографијата на нашиот голем ривал – објасни дон Фето. – Се разбира, со нивната духовитост и хумор, тие треба да бидат шлаг на вкусната торта. Во книгата ќе има и многу биографски содржини за да биде целина, нели? Но време е да наздравиме и да почнеме со нашите приказни, пријатели. Светот ќе добие величествена сторија за животот на петтемина гангстери што го тресеа подземјето низ американските градови. На некој начин, таа книга ќе обработи и голем дел од нашите кариери бидејќи секој од нас учествувал во поголемиот дел од случувањата што се однесуваат на другите четворица. E chiaro, ragazzi (дали е јасно, момчиња, итал.)?
– Секако, дон Фето – Кавалканте ја крена чашата со вино. Ајде да наздравиме во тоа име!
– Да наздравиме – одекна од сите грла.
Роберт Трн

































