Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Резултатите на Фрајбург дома и во странство може да одредат дали девет германски клуба ќе играат во Европа идната сезона, пишува Бундеслигата

Баерн веќе го обезбеди своето место во Лигата на шампионите (ЛШ) за сезоната 2026/2027, но уште осум клуба од Бундеслигата би можеле да настапат во континенталните натпреварувања следната сезона, а резултатите на Фрајбург дома и во странство може да одредат дали девет германски клуба ќе играат во Европа идната сезона, пишува Бундеслигата.
Кога почнува сезоната во Бундеслигата, распределбата на местата во европските квалификации е следнава: во ЛШ играат првите четири тима од домашното првенство, во Лига Европа (ЛЕ) петтопласираниот тим и победникот на Купот на Германија, а во Конференциската лига (КЛ) екипата на шестото место. Сепак, тоа може и често да се менува во текот на сезоната. На пример, ако победникот на Купот на Германија веќе се пласирал во ЛШ или во ЛЕ преку Бундеслигата, тоа дополнително место во ЛЕ го добива тим од Бундеслигата.
„Европските места за перформанси“ воведени со реконструкцијата на натпреварувањата на Европската фудбалска унија (УЕФА), исто така, значат дека две земји добиваат дополнително место во Лигата на шампионите секоја година. Покрај тоа, победниците на ЛШ и на ЛЕ автоматски се квалификуваат за Лигата на шампионите следната сезона. Ако не го сториле тоа преку нивната домашна лига, тоа носи и дополнително место.
Баерн го обезбеди своето место во Лигата на шампионите и се пласира во финалето на Купот на Германија и во полуфиналето на ЛШ. Со оглед на европските резултати на играчите на Винсент Компани и на Фрајбург, кои првпат се пласираа во полуфинале на ЛЕ, Германија има шанса да освои дополнително место во Европа преку рангирањето на УЕФА. Англија веќе има едно, што значи дека за другото сега во трка се Германија и Шпанија. Тоа би значело дека тимот на петтото место ќе се пласира во ЛШ.
Под претпоставка дека Бундеслигата ќе го освои тоа место, доколку Фрајбург го освои трофејот во Лига Европа, тогаш тој клуб ќе игра во ЛШ, како шести клуба од Бундеслигата. Но за да има девет тима од Германија во континенталните натпреварувања следната сезона, Фрајбург треба да ја освои Лига Европа и да не биде меѓу првите седум тима во Германија. Во тој случај во ЛШ би играле првите пет тима од Бундеслигата и Фрајбург, во ЛЕ би настапиле тимовите на шестото и на седмото место (бидејќи победникот на Купот на Германија веќе е меѓу првите пет), а во КЛ тим од следното достапно место на табелата во првенството на Германија, пишува Бундеслигата. Н.М.


ПОЛУФИНАЛИЊА НА КУПОВИТЕ НА УЕФА

Неделава два дуела на клубови со континентални титули

Неделава почнуваат полуфиналните дуели во трите европски фудбалски купа, а во шесте меча два се помеѓу освојувачи на европската титула. Во Лигата на шампионите (ЛШ) утре е средбата на актуелниот европски првак Пари сен Жермен и шесткратниот шампион Баерн (1974, 1975, 1976, 2001, 2013, 2020 година). В среда е средбата на некогашните финалисти во ЛШ, Атлетико и Арсенал. И во Лига Европа има средба помеѓу два некогашни европски прваци, и тоа дуелот в четврток помеѓу англиските Нотингем форест (првак во 1979 и 1980 година) и Астон вила (шампион во 1982 година). Вториот полуфинален меч во тој куп е Брага – Фрајбург, а во Конференциската лига се среќаваат Шахтер – Кристал палас и Рајо Валјекано – Стразбур. Н.М.


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Пари сен Жермен – Баерн утре
Атлетико – Арсенал среда
реваншите се на 5 и на 6 мај

ЛИГА ЕВРОПА
Брага – Фрајбург четврток
Нотингем ф. – Астон вила четврток
реваншите се на 7 мај

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Шахтер – Кристал палас четврток
Рајо Валјекано – Стразбур четврток
реваншите се на 7 мај
сите мечеви се од 21 часот