Планетата, нашиот заеднички дом, како да се претвори во кафез за птици. Притоа немам намера да ги навредам кутрите перјести суштества туку само сакам да ја позајмам познатата синтагма „пилешки ум“ со која, се чини, заслуживме да се споредуваме. Да, ние се претворивме во птици во различни кафези наречени држави што уништуваат луѓе. Парафрази што заслужуваат длабока обмисленост. Нашата цивилизација стаса до дереџе во кое сите дејствуваме збркано. Веројатно поради условите во кои живееме кои иако нерамномерно артикулирани и консумирани, нѐ прават сѐ помалку да бидеме со стапалата на земјата. Светот стравува од надворешна агресија, а всушност ние како да сме најголемата закана. Некој рекол дека глушецот никогаш самиот нема да си направи крлетка или стапица. Сепак, ние го направивме тоа и го правиме сѐ уште. Но ова е, да речеме, песимистичен поглед на реалноста. Се разбира дека по големи потреси на светската сцена, природно е да стаса спокоен период полн со надеж, позитивна енергија и верба во подобра иднина. Така барем било досега.
Манипулација со човекот е спортска дисциплина, која на суптилен начин е вшприцана во неговиот кортекс како еден вид вакцина што е трајна. Таа секогаш пронаоѓа начини да го затега коланот на осознавање и комуницирање со опкружувањето. Дали тоа значи дека мозокот може да се тренира? Струката вели дека тоа е можно. Во едно сеопшто стампедо на развиток, човекот на 21 век уште повеќе е подложен на притисоци што врз неговиот внатрешен свет го прави начинот на осознавање на кусовечноста во која доминираат фарисејство и хедонизам.
Што е целта? Познато е дека лоботомијата е процедура со која на пациентот со крајно инвазивен начин му се отстранува предниот дел од мозокот, кој ја дефинира личноста и е задолжен за однесување. Ова бил начинот на кој требало да му се помогне на пациент што имал проблем со менталното здравје. Е сега, големо прашање е како тоа да се изведе врз колективен – цивилизациски проблем. Цивилизацијата длабоко загази во свет на рамнодушност и автоматика, на шаблони и колективитети. Ако не си со мене, тогаш си против мене. Посебноста веднаш ќе се осуди. Автономна личност, исто така. Крената глава – не е посакувано. Неа ја сече сабја. Имаме сѐ повеќе масовни случаи на деструктивните процеси што ја анестезираат свеста. Едновремено, совеста е турната во морален амбис. Во тој случај, процесот лоботомија си најде свое место како помагало за менување на значењето на зборот, како и за предметот за кој се однесува. Станува збор за алегорија како продолжена метафора или едноставно кажано „испран мозок“. Некој моќен си зема за право да го присвои светот во име на неговата небесна предодреденост и притоа нѐ чешка во уши и мавта пред нашите очи со метално топче обесено на синџирче за да нѐ хипнотизира. Среќни до немајкаде, ние се поклонуваме и ги одобруваме неговите авторитарни постапки со блед превез на очите. Нема врска што постапките не се ниту легални ниту човечки. Велат, времето лечи сѐ, и тоа е најчесто заборав или кусо помнење. Човекот повеќе не се грози ниту од страдањата на соседот или на оние што се географски оддалечени од неговото седело. Сѐ се сведува на апели и вербални предупредувања, дури и од институции што се задолжени за безбедноста на светот.
Во една така забегана состојба, која не ни приличи, големците се претворија дури и во месии. Денес тие се и најблиску до Небото. Ова е врв на слободата за која човештвото се избори. Само да не се повторат грешките кога Адам и Ева побарале повеќе од рај и кога дедо Ное, со натчовечки напори и сигнали што ги добил, се изборил да опстанеме и покрај големиот потоп. Веројатно црковните книги сега ќе може да се збогатат со нови моменти на кои ќе им се воодушевува иднината.
Небо чисто како солза, зеленило, шум на бистра река. Рајска елегија во шеесеттите. Живеевме во бескласно општество (со тилот) каде што сите бевме еднакви, во спокој и во рајско опкружување на ортодоксно секуларно општество (со тилот). Одеднаш, се слуша брчење. Сѐ погласно и погласно. Денес страшна закана, тогаш радост. Над нашите глави авион. Не трчавме во скривници, оти ги немавме. Освен тоа, знаевме дека авиончето ќе фрла летоци. Љубопитни, трчавме по него бидејќи мислевме дека ќе бидеме поблиску до ројот хартии што паѓаа на земјата. Притоа, постојано врескавме на сиот глас – авионче, фрли ни летки! Знаевме дека тоа авионче нема да фрла суперсонични и какви сѐ не чуда што сеат смрт без да ја погледнат целта, туку само летоци со упатства по определени задачи и обврски.
Новото време донесе нови правила на однесување. Никој со сигурност не е во состојба да ги дефинира, оти на сѐ личат само не на правила. Ги толкува кој како знае и умее, кому и како му погодува. Едно е сосема јасно, како да сме во сублимат од злокобни временски искуства собрани на едно место. Личат на голем чир, кој собира и кој се заканува да експлодира и уништи сѐ пред себе. Умре комунизмот, умре социјализмот. Но чудно е што и демократијата сѐ повеќе личи на страшило од нивите. Слобода да, но таа веднаш се претвора во хаос доколку не се почитуваат основните правила. А токму хаосот е присутен на сцената како никогаш досега. Струката и лаиците мака мачат да ги анализираат случувањата, кои не можат да се фатат ниту за опаш ниту за глава. Паѓаат теории, емпириски логики, правила и закони за кои до вчера се зборуваше само со „амин“. Демек толку им се верувало бидејќи тие ја штителе оваа наша кутра цивилизација. За среќа, на големите не им се оди во конечна пресметка оти тие и најмногу стравуваат за својот привилегирано прекрасен живот. Попусто скривници длабоко под земјата кога при подолг престој би им биле прекуглава дури и на кртовите и другите жители на подземните тунели. До каде стасавме со праксата „сѐ е на продажба“? Дури и душата. Се нудат огромни пари за живеалишта блиски до подземните суштества. Навистина е апсурдно од страна на човештвото да не даде сѐ од себе за подобра живеачка за сите од родот. Некој ни ја подарил оваа волшебна планета, а потоа човекот измисли долгови, профит и војни, па сѐ се претвори во купи-продај и бројки.
Штом ќе слушнат аларм и предупредување, дечињата и нивните родители од воените конфликтни зони бараат чаре за да се засолнат од намерите на лошите чичковци. Што знаат кутрите за профит, петродолари, нафта, гас, минерали, територијални експанзии, апсолутна контрола врз сѐ и сешто што е од интерес за моќните? Што знаат за контролата врз умот и разумот? Најпосле, што знаат за зборот и поимот лоботомија? Тие си знаат само за тоа дека грмежот, пламенот и чадот голтаат нивни блиски и далечни но кутри.
А всушност, сѐ е до перење на умот. Зошто да не? Се перат валкани алишта, автомобили, некаде и улици, иако сѐ помалку, оти навикнавме на прашина и загаденост, пари и крпата со кои госпоѓата Правда ги покрива очите згрозена од она што ѝ се принесува за да пресуди. Постои ли начин да се отстрани процесот на лоботомија од перцептивните сензори на човекот за да може да се ослободи од розовиот поглед врз животот? Или… што би се рекло по нашински, да ѝ се поклониме на свеста и веднаш да го подигнеме пердето од пред очите за да ја видиме вистината. Можеме ли?
Авторот е писател
Љубомир Јованоски
































