Фото: „Нова Македонија“

Зошто Европската Унија не е дизајнирана да одлучува во кризен режим и зошто ѝ е неопходно длабоко реформирање

  • ЕУ во последните години во повеќе наврати не успеваше да испорача унифицирани реакции за предизвици со поголемо геополитичко значење, од ковид-пандемијата до заеднички координирани реакции во врска со војната во Иран. Еве еден од последните такви примери: на самитот на лидерите на ЕУ во март годинава, учесниците поминаа часови карајќи се околу ситни детали од Системот за тргување со емисии на ЕУ (ЕТС), а не обрнувајќи внимание на нешто друго крупно што се случуваше паралелно на актуелната сцена, како што тогаш во моментот беше нападот на Иран на енергетските резерви на Европа на Блискиот Исток. Европскиот совет (ЕС) како институција станува несоодветен за својата првична намена, па сѐ погласно се истакнува мислењето дека актуелните геополитички околности налагаат коренити промени во Европската Унија преку реформи

Кога Европската Унија беше формирана во сенката на Втората светска војна, таа беше изградена за економска интеграција, а не за тврда моќ. Нејзината безбедност беше префрлена на одговорност на САД, а нејзината политика и институции беа поставени врз основа на консензус.
Но светот во кој беше родена Унијата повеќе не постои. И во Брисел и пошироко, огорченоста расте паралелно со недостигот од брзина и итност при соочување со предизвиците и носењето одлуки од страна на лидерите на 27-те лидери колективно познати како Европски совет, особено во однос на безбедноста и надворешната политика,
– Европа денес е во постојан кризен режим и нејзината архитектура за донесување одлуки едноставно не беше дизајнирана за тоа. Не можете да чекате Советот да се согласи за изјава додека светот гори – изјави поранешниот дански премиер и генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, за „Политико“.

Неможност за постигнување унифициран став за најважните прашања

Еве неколку свежи примери за инертноста и агонијата за одлучување во која се наоѓаат носителите на ЕУ-политиките, од институции до индивидуални носители на функции во Унијата, навигирани од либерална идеолошка матрица, која очигледно се покажа како тесно политички лукративна. На пример, тромавоста на ЕУ во последните месеци се огледа во тоа што во повеќе наврати таа не успеваше да испорача унифицирани реакции за предизвици од сеизмичко геополитичко значење – од деблокирање транша од 90 милијарди евра за Украина, до воведување санкции врз Русија и до кохезивно реагирање на војната во Иран. На самитот на лидерите на ЕУ во март, учесниците поминаа часови карајќи се околу ситни детали од Системот за тргување со емисии на ЕУ (ЕТС), дури и кога Иран ги нападна енергетските резерви на Европа на Блискиот Исток.
– Да се ​​каже дека ЕТС е најголемиот проблем кога горат големи гасни полиња е малку чудно – изјави за „Политико“ разочаран функционер на ЕУ, кој доби анонимност, како и другите во овој напис за да разговара за чувствителната дипломатија во која беа вклучени.
Голем дел од агендите на самитите во октомври, декември и март беа посветени на недовршени работи од претходните состаноци, преиспитувајќи ги прашањата што никогаш не беа решени: од подготвеноста за одбрана до финансирањето на Киев и плановите за средување на економијата на ЕУ (?!).
Праксата дека Европа е премногу бавна за донесување одлуки речиси стана клише. Холандскиот премиер Роб Јетен го искористи своето прво патување во Брисел на оваа функција минатиот месец за да ја повика ЕУ да преземе конкретни чекори.
– Не можеме да им објасниме на нашите избирачи дека Европа понекогаш е премногу бавна во реакцијата на големи прашања што нè засегаат сите – рече тој.
На Светскиот економски форум во Давос во јануари, францускиот претседател Емануел Макрон, носејќи очила за сонце, изјави дека е сигурно оти ЕУ „понекогаш е премногу бавна и дека сигурно треба да се реформира“.
И минатата недела, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја критикуваше потребата на ЕУ за едногласност при донесувањето одлуки за меѓународните прашања, велејќи дека тоа создало „системски блокади“ и повика на прекин на националното вето, особено во надворешната политика.
Расмусен тврдеше дека ЕУ треба да се оддалечи од доцните ноќни разговори и да ја забрза својата способност да одговори на безбедносните закани „со брзорастечки структури што ги бара оваа ера“.

Старите начини на носење одлуки веќе не се доволни!

Секако, во самата природата на ЕУ, дури и целата нејзина причина за постоење, е принципот за носење одлуки врз основа на консензус меѓу нејзините земји членки. Според нејзината нестабилна структура, сите 27 европски лидери периодично се собираат за да разговараат за приоритетите на блокот, да ја постават политичката насока и, по часови преговори, расправии и компромиси, да се договорат за колективни изјави. Голем дел од она што се одлучува е претходно договорено од национални дипломати во формати како што е Корепер, комитетот на амбасадори на ЕУ, за што детално пишувавме во „Нова Македонија“ пред извесно време.
Европскиот совет (ЕС) е формиран за да одлучува за долгорочните политички цели на ЕУ и да „дејствува како врховен извршен орган“ кога е потребно, вклучително и за време на финансиска криза или на пандемијата на ковид-19.
Во последната деценија, меѓународниот поредок се наоѓа во динамични промени, старите сојузи се распаднаа, а кризите се намножија. Старите начини на носење одлуки во Европа едноставно не се доволни, рече Расмусен.
– Кога присуствував на Европскиот совет помеѓу 2001 и 2009 година, светот беше фундаментално поинакво место. Америка беше недвосмислен сојузник. Русија сè уште беше партнер на Г8. Имавме свој дел од кризи, но и простор за размислување. Тој свет повеќе не постои – истакна Расмусен.
Тој повика ЕУ „фундаментално да ги редефинира своите безбедносни рамки“. Некои од идеите што беа изнесени, заедно со укинување на ветото за прашања од надворешната политика, вклучуваат создавање Европски совет за безбедност, тело на високо ниво со мандат да донесува одбранбени одлуки за континентот и зајакнување на овластувањата на Европската комисија.
– Се разбира, ако кажете, па, треба да ја реформираме ЕУ за да го направиме тоа побрзо, тогаш прашањето е во ред, но како?! На пример, би можеле да воведете гласање со квалификувано мнозинство во Европскиот совет за овие прашања од надворешната политика. Но тоа отвора едно навистина демократско прашање – кажа Жил Питорс, предавач по политички науки на Католичкиот универзитет во Левен, Белгија.
Професорот тврди и дека создавањето нови тела нема да реши ништо.
– Мислам дека најдобриот пат напред, ако сте навистина сериозни во врска со реформирањето на ЕУ за да ја направите поагилна, за да реагира побрзо, е во основа да се зајакнат овластувањата на комисијата. Сепак, и тоа се соочува со скептицизам од земјите членки, кои се претпазливи да не ѝ дадат премногу овластувања на извршната власт на ЕУ – призна Питорс.
Лидерите на ЕУ неделава учествуваат на самит во Кипар. Војните и геополитиката повторно ќе бидат приоритети на состанокот, при што не се гледа крај на глобалниот енергетски шок, како што наведува „Политико“.

Р.С.