Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, е уапсен под сомнение за проневера и злоупотреба на службената положба.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, апсењето го извршиле единици за организиран и сериозен криминал во координација со Основното јавно обвинителство Скопје. Во моментов, истрагата е во тек и се преземаат дополнителни дејствија, по што се очекуваат повеќе детали.
– Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и одф Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејства што упатуваат на сомненија за сторени кривични дела проневера и злоупотреба. Сè уште се преземаат дејства по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствата кои се во тек – информираат од ЈОРСМ.
Сејдини беше на чело на федерацијата од 2019 до 2025 година, но претходно веќе беше санкциониран од самата федерација. Дисциплинската комисија утврдила дека тој злоупотребил службена положба при договор за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, вклучувајќи авансно плаќање без соодветни гаранции, со што, според нив, била нанесена материјална штета.
Постапката против него сега се води на кривично ниво, а исходот ќе зависи од доказите што ќе ги обезбеди обвинителството.
































