ТРИЛЕР
Гангстерските босови немо се погледнаа, но не рекоа ништо. Сите беа во некакво исчекување. Како дел од нивното бурно секојдневие, постојано живееја под стрес дека нешто може да им се случи дури и по апстиненцијата и годините на возраст. Па, сепак, љубопитноста ги довлечка дури на Сицилија, иако можеби и копнежот по родната грутка.
Денот го фати својот ритам и сега сонцето сѐ пожестоко биеше над нивните глави. Во таа врелина, свое место имаше и напнатоста што стаса со таинственоста на поканата, која се претпоставуваше дека нема само куртоазен ниту пак емотивен карактер. Зад сето тоа се криеше нешто што несомнено ги копкаше луѓето од американското подземје. Во молкот што настапи, само штурците неуморно ја свиреа својата монотона арија.
– Значи, дон Фето одлучи да престане со измачување и да помине на главното за кое ги собра на својот имот – во името на старите добри времиња, би сакал да се случи фестивал на настани во кои духот и шегата го надминале влијанието на бруталноста и злобните намери. Што сакам да кажам? Едноставно, секој од нас ќе треба да раскаже приказна за која оној што бил цел на соодветен третман не бил во можност да пронајде одговор за она што му се случувало, а притоа да не бил посакувана цел на автоматска пушка или некој друг вид насилство. Со еден збор, потребно е да раскажете приказна што можеби влијаела врз нашите меѓусебни професионални односи, но притоа ниту имала драматичен крај ниту влијаела врз потребата од крвав реванш.
– Лесно ви е вам да прикажувате настани од минатото – се јави дебелиот Пјетро Кабузо, кој пливаше во пот. Една мува му застана на носот и тој нервозно ја мавна со месестата дланка. Мувата одлета без да настрада. – Што да речам јас кога тешко наоѓам соодветни зборови?
Кавалканти и Вилароса дискретно се насмеаја додека дон Фето остана смирен иако му дојде да направи исто како и тие.
– Нема потреба да се стеснуваш тука пред нас – го охрабри домаќинот. – Доволно се познаваме за да не се потсмеваме на твојата, да речеме, слабост. Едноставно, ќе раскажуваш слободно, со свои зборови, на сличен начин како и кога си им раскажувал приказни на своите внуци.
– На моите внуци само ќе им ги покажев или машинката или колтот и приказната тука завршуваше. Ќе се нафрлеа врз нив како стршлени!
Одекна гласна смеа. Се смееше и тој самиот.
– По мое видување – се уфрли дон Вилароса по хистеричната смеа, – ова му доаѓа како сега повторно да сме пред федералните истражни органи на Соединетите Американски Држави. Воопшто не би бил изненаден ако околу нас имаш посеано прислушни апарати преку кои би се обидел да нѐ дискредитираш пред органите на прогонот?
Повторно грмеше од смеа.
– Убеден сум дека нашите приказни ќе зрачат со дух и итрина – рече дон Фето откако здивна. – Крајната цел на сево ова ќе ја дознаете откако ќе завршиме со евоцирањето на случките. Во секој случај, мислам дека ќе бидете пријатно изненадени.
– Навистина си таинствен – се јави дон Вилароса.
– Колку што ми сече умот – Кавалканти сакаше да расчисти некои нејаснотии, – станува збор за случки во кои на еден суптилен начин сме се обиделе без поголеми последици да се надитруваме еден со друг? Да речеме слично како и во некогашната комедија дел арте и нејзините славни јунаци Труфалдино, Фрителино и другите?
– Браво, дон Марио! – се насмеа дон Фето и му ја спушти дланката на рамото. – Ова е начин да ѝ се разјаснат на жртвата некои работи за кои не била свесна во мигот кога се случувале. Мојата претпоставка е дека секој од нас, во одреден период, сигурно бил цел на симпатичен потсмев.
– Прифаќам да бидам дел од оваа игра иако претпоставувам дека лесно може да бидам жртва на твојата замисла, дон Фето – се насмеа дон Вилароса.
– За мене е сеедно – се јави дон Кабузо грицкајќи едно ковче од печеното јагнешко. – Каде сите Сицилијанци, таму и јас!
– Се разбира дека ќе учествувам – Кавалканти не сакаше да ја пропушти оваа шанса, која со себе носеше скриена тајна – без разлика колкава ќе биде цената што ќе ја платам.
Дон Фето го крена показалецот од десната рака:
– Ништо лошо нема да ви се случи, господа. Напротив, оттука ќе си заминете со прекрасни впечатоци така што сигурно ќе посакате да се вратите назад на Сицилија.
– Тогаш… да почнеме – предложи дон Кавалканти.
Роберт Трн
































