Каде да се вложува во време на кризи?
- Најновите случувања повторно го отворија прашањето каде е најпаметно да се инвестира во овој период на неизвесност односно има ли сигурни опции за инвестирање. Домашните експерти укажуваат дека растот на цените на нафтата сигурно ќе се одрази врз економиите во светот, бидејќи нафтата е присутна во секојдневниот живот, не само во превозот туку и во други индустрии, како прехранбената, хемиската…
Глобалната економија повторно се соочува со силен удар, овој пат предизвикан од наглиот раст на цените на нафтата и геополитичките тензии на Блискиот Исток, што отвора сериозни дилеми за инвеститорите – каде да се вложат средствата во време на неизвесност и ризик од нова рецесија. Во услови кога инфлацијата повторно се засилува, а монетарните политики се заоструваат, аналитичарите предупредуваат дека бркањето брзи профити може да биде најголемата грешка. Најновите случувања повторно го отворија прашањето каде е најпаметно да се инвестира во овој период на неизвесност односно има ли сигурни опции за инвестирање.
Домашните експерти укажуваат дека растот на цените на нафтата сигурно ќе се одрази врз економиите во светот, бидејќи нафтата е присутна во секојдневниот живот, не само во превозот туку и во други индустрии, како прехранбената, хемиската…
Горан Марковски, брокер и извршен директор на „КБ Инвест“, објаснува дека најдобар начин за заштита на инвестициите во ваков турбулентен период е соодветна диверзификација на портфолиото во дејности што треба да бидат дефанзивни, односно што треба да го заштитат вложувањето на инвеститорите.
– На тој начин, емпириски, најголем дел инвеститори, барем професионалните, се трудат да го надминат овој период на неизвесност. Дефанзивни во овој период на неизвесност се вложувања во обврзници, во сектори што не се под влијание значајно на овие турбуленции, како што се фармација, сектор на јавни добра, но и она што е во линија на ова што е сега засегнато е енергетскиот сектор, но е сепак позитивен сектор – потенцира Марковски.
Се намалува интересот за државни обврзници
Тој објаснува дека она што е различно од досегашните кризи, што дава една поинаква слика за разлика од досегашните инвестиции што важеа за сигурни во вакви околности, како што се обврзници во производители на злато и производители на злато, е дека таа корелација е променета.
– Она што е различно во оваа криза е тоа што приносите од државни обврзници пораснаа и на развиени и на растечки економии, единствено само обврзниците на Кина се доживуваат како место за сигурно инвестирање во овој период на нестабилност – укажува директорот на „КБ Инвест“.
Марковски објаснува дека растот на приносите на обврзниците покажува дека инвеститорите не наоѓаат нови начини за инвестирање и вложуваат во обврзници со цел да добијат поврат на средствата. Но тоа, како што нагласува тој, се одразува негативно на старите инвеститори во обврзници, кои губат дел од вредноста…
– Суштината на падот на вредноста на обврзниците се должи на очекувањата за раст на инфлацијата. Очекувањата се дека оваа година развиените земји ќе имаат раст на инфлацијата од два отсто, ниво што е очекувано и посакувано, но бидејќи тоа е веќе достигнато, сега со новите случаи се менува. Она што досега се сметаше за сигурно беа особено обврзниците со највисок рејтинг, но овие земји веќе го зголемија нивото на задолженост и сето тоа придонесува инвеститорите да не ги гледаат овие обврзници како сигурни. Поради тоа сега се бараат замени, нови типови на можности за инвестирање – нагласува тој.
Марковски објаснува дека досегашниот тренд на намалување на цените на златото, кој беше присутен до пред војната во Иран, е резултат на желбата на инвеститорите да добијат поврат на инвестициите, па вложувале во обврзниците од кои ќе добијат исплата на средства по извесен период, додека од златото го нема тоа. Сега, според Марковски, со оглед на растот на цените на нафтата и стравот од висока инфлација, па дури и од рецесија, инвеститорите повторно се вртат кон сигурните опции за инвестирање, а тоа е златото, иако тоа само по себе не носи приноси.
Внимателно во новите инвестиции
Светските економисти пак потенцираат дека стратегијата треба да се насочи кон долгорочно инвестирање базирано на темелна анализа на компаниите и нивните финансиски перформанси. Овој пристап, според експертите, е „единствениот лек“ против нестабилноста што ја носат ваквите глобални шокови.
Во вакви услови фокусот се става на компании со стабилна и предвидлива заработка, наместо на шпекулативни инвестиции или краткорочни скокови на цените на суровините. Сектори како комуналните услуги, инфраструктурата, недвижностите и индустриите со постојана побарувачка се издвојуваат како поотпорни на кризни циклуси.
Дополнително, аналитичарите потенцираат дека пазарната нестабилност не мора нужно да значи опасност, туку може да претставува и можност за купување. Падовите на берзите често се гледаат како корекција, а не како почеток на долгорочен негативен тренд, што отвора простор за инвеститорите да влезат по пониски цени.
Сепак, клучната порака е јасна – во време на криза, дисциплината и трпението се поважни од кога било. Инвестирањето треба да биде внимателно, со јасна стратегија и избегнување импулсивни одлуки, бидејќи токму во вакви турбулентни периоди се прават најголемите, но и најризичните потези на пазарот. Е.Р.
Владата уверува по извршените анализи
Не се очекуваат поголем ценовен удар и инфлаторен скок, регистриран мал пораст на продажните цени
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека не би требало да почувствуваме поголем ценовен удар бидејќи процентуалното учество на оној дел на кој се зголемени транспортните трошоци не ни дава право да сметаме дека ќе имаме огромен инфлаторен скок за следниот месец. Во прилог на ваквото тврдење е посочено оти влезот во крајната цена на транспортните трошоци, наспроти зголемената цена на маргините на дизелот и на бензините, не е толку голем.
Регистриран е минимален пораст на продажните цени во периодот од 1 февруари до 1 април, додека дел од притисокот од зголемените набавни цени е апсорбиран од трговците, соопшти Министерството за економија и труд врз основа на компаративна анализа на цените на основните прехранбени и непрехранбени производи изработена во соработка со Државниот пазарен инспекторат, во согласност заклучокот донесен на 162-та седница на Владата.
Со анализата се опфатени цените на 55 најпродавани производи, следени во четири трговски синџири со различно ценовно позиционирање, во периодот од 1 февруари до 1 април.
– Регистриран е минимален пораст на продажните цени од 0,43 отсто, додека набавните цени бележат нешто повисок раст од 1,01 отсто. Истовремено, просечната бруто-профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 на 15,8 отсто, што укажува дека дел од притисокот од растот на набавните цени е апсорбиран од трговците, со цел да се задржи стабилноста на цените за граѓаните. Кај основните прехранбени производи е забележан благ пораст од 0,45 отсто, при што најголемо зголемување има кај киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото. Кај безалкохолните пијалаци е евидентиран пад од 1,01 отсто, кај овошјето и зеленчукот има намалување од 0,86 отсто, и покрај растот кај доматите и кромидот, а кај основните хигиенски производи е забележан пораст од 1,42 отсто – се наведува во соопштението од Министерството.
Премиерот Мицкоски рече дека нема зголемување на цената на лебот, туку дури и поевтинување, како и дека во разговорите со мелничарите било посочено цената на лебот да остане иста или да се намали.
Состојбата со нафтените деривати е стабилна и непроменета, според премиерот, кој нагласи дека нафтените резерви се на исто ниво како и пред почетокот на кризата. Следејќи ги цените на берзите на нафтените деривати, премиерот посочи дека цените на горивата во земјата веројатно ќе останат исти или ќе бидат намалени. Е.Р.
Продолжена мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати
Одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, со важност до 4 мај, донесе Владата минатата недела, по разгледување на актуелната економска состојба и влијанието на глобалните ценовни шокови врз домашниот пазар. Се очекува Регулаторна комисија за енергетика да донесе одлука со која ќе се изврши дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар, во согласност со пресметките, како што се наведува во владиното соопштение.
– Со оваа одлука се задржува намалувањето на акцизата за горивото дизел во износ од четири денари по литар, како и намалувањето на акцизата за безоловните бензини од 95 и 98 октани во износ од два денара по литар, со што интервенцијата има директен фискален и пазарен ефект, кој се рефлектира во значително намалување на малопродажните цени на горивата, со што се ублажува притисокот врз трошоците на живот и се амортизираат инфлаторните импулси – посочуваат од Владата.
Владата исто така донесе одлука за измена на одлуката за примена на повластена даночна стапка на додадена вредност, со што повластената стапка од 10 проценти ќе продолжи да се применува за бензините, додека за преостанатите производи се врши враќање на редовната стапка од 18 проценти.
– Истовремено, останува во сила и претходно договорениот механизам со нафтените компании, во согласност со кој се обезбедува дополнително намалување од три денари по литар за дизелот и два денара по литар за бензините. Со ова се постигнува кумулативен ефект на намалување на цените, кој директно се рефлектира во намалување на трошоците за транспорт и во ублажување на инфлаторните притисоци врз економијата – се наведува во владиното соопштение. Е.Р.
































