Фото: Пиксабеј

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (16)

Како што видовме во претходните текстови, социјализацијата на кучето е суштински процес што започнува уште кај одгледувачите, но добива целосна форма дури во рацете на посветениот сопственик, откако тој правилно ќе го изврши изборот на вид, раса, пол и потекло на идниот миленик. Квалитетните одгледувачи што продаваат „скапи кучиња“ ја прават генетски наследната селекција на карактерни и морфолошки карактеристики уште при вкрстувањето на родителите. Тоа е предембрионска селекција каде што изборот на квалитетна генетика го штити потомството од наследни болести и од одредени психолошки нарушувања, додека им го зголемува потенцијалот на миленичко семејно однесување и изглед. Следејќи ги научните протоколи, сериозните одгледувачи ги изложуваат кученцата на контролирани стимулуси уште од третата недела на животот – нежни допири од луѓе во различни облеки и возрасти, звуци од домаќински апарати како фамозните правосмукалка и фен, средби со добро социјализирани кучиња од други легла, како и одење по различни површини од трева до плочки. Оваа рана фаза, позната како критички период за социјализација, трае до околу дванаесеттата недела, кога мозокот на кучето брзо формира асоцијации што го прават отпорно на стрес. Ако сопственикот не продолжи со истиот пристап, дури и „најперфектното“ кученце од таков извор може да развие проблеми, кои, за жал, ќе го направат „товар“ за семејството и околината. Доктор Иан Данбар, ветеринар и пионер во модерната наука за однесување на кучињата, во својата книга „Пред да добиете кученце“ нагласува дека кученцето мора да има позитивни средби со најмалку сто различни луѓе до осмата недела, за да се спречи развојот на агресија поради страв или апатија, проблеми што најчесто се среќаваат кај возрасни кучиња. Во Македонија, Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ во Скопје организираше обуки за тестови на социјализација, во соработка со Кралското друштво за превенција на суровост кон животни (Scottish SPCA), правејќи ги овие принципи достапни за локалните ветеринари и вдомувачи.
Правилно социјализирано куче се манифестира низ природни, балансирани реакции што одразуваат внатрешна сигурност и адаптивност. Кога ќе сретне непознат човек на улица, на пример, опашот е поставен средно високо, очигледно заинтересиран, се приближува полека со носот испружен за да го помириса, бара играчка или допир без да скока претерано или да грицка ракавици. Во парк, меѓу други кучиња, се вклучува во игра со груби допири што се прекинуваат кога другиот ќе заквичи или ќе сврти глава – знак дека границата е достигната, па веднаш преминува на истражување на околината. Овие средби со нови звуци, како свирка од автомобил или деца што викаат, го оставаат релаксирано; лае кратко и алармантно само на вистински закани, како непознат на влезната врата, а потоа брзо се смирува по команда. Ова однесување не е случајно – тоа е резултат на биолошки процес каде што раните позитивни искуства менуваат невронски патишта во центарот за емоции на мозокот на кучето, правејќи го самодоверливо и предвидливо. Доктор Софија Јин, врвна ветеринарка и експертка за низок стрес во својата „Листа за социјализација на кученца“ детално опишува над 100 елементи – од чадори до велосипеди – кои мораат да се воведат со храна и пофалби, за да се создаде само асоцијација со задоволство, никогаш со страв. Таа предупредува дека недоволната изложеност во рана возраст или негативните искуства доведува до агресија од страв.
Од друга страна, пак, кучето што пропуштило континуирана социјализација, како на пример секое куче родено на улица, депонија, индустриска зона или, пак, кај неодговорни одгледувачи, покажува очигледни знаци на конфузија и неадаптација, кои потоа често се влошуваат под влијание на погрешен третман од идните сопственици. Наместо опуштена љубопитност, реагираат со панично лаење и посегнување по секој минувач, особено кон деца во движење или, пак, мажи со шапки и велосипедисти, а во домот грицкаат предмети од чист импулс на страв. Во средби со други кучиња, ескалира играта во жестока борба, игнорирајќи сигнали како кревање на опашката или избегнување контакт, што доведува до повреди и изолација. Новите средини го парализираат: бега од звуци на фен, уништува мебел од анксиозност, а дома лае непотребно на соседски кучиња или семејни членови.

Во центарот за груминг и благосостојба на милениците ТУТУ, преку Македонската асоцијација на стилисти за миленици, секојдневно забележуваме кучиња што поради пропуст на раната социјализација немаат основни навики и култура на однесување во груминг-салон. Тие кучиња развиле однесување што е вистински секојдневен кошмар и за сопствениците, и за околината, и за професионалците што треба да го негуваат тоа куче. Пропуштањето на правилната едукација во првите три месеци создава однесувачки проблеми до крајот на животот на кучето, односно од десет до петнаесет години. Американското ветеринарско друштво за однесување на животните во својата позиција за социјализација на кученцата потврдува дека првите три месеци се клучни, со препорака за безбедно изложување на стимулуси без преоптоварување, бидејќи пропустот води до доживотни проблеми. Во македонскиот контекст, овие проблеми се видливи во статистичките податоци: илјадници пријавени угризи во последната деценија. Се пријавуваат најчесто угризи од слободно движечките бездомни кучиња, но најтешките повреди, дури и случаи на смрт, се забележани засега од миленички кучиња чии напади се пријавуваат единствено во екстремни услови. Најчести жртви се самите сопственици, нивните блиски, околните жители и нивните миленици.
Во урбана средина, пак, најголемата грешка на сопствениците, пардон „пет мамичките“, е третманот на кучето како човечко бебе, што му ја оневозможува неопходната хиерархиска структура и го остава без ориентири. Кучето, како член на видот Canis familiaris, инстинктивно бара јасна хиерархија каде што лидерот – сопственикот – води со доследни сигнали преку телото: цврста прошетка на поводник, команда „седни“ пред храна, игнорирање на скокањето и награда само за мирно однесување. Ако се носи во раце цело време, се храни од масата и добива бакнување во уста, кучето губи смисла за улогата – станува конфузно, бара доминација и реагира со агресија или пасивност. Доктор Јин во „Како да се однесувате за да се однесува вашето куче“ објаснува дека ваквиот „човечки“ пристап создава анксиозност, бидејќи кучето не разбира вербални молби или прегрнувања, туку само невербални сигнали. Без хиерархија, тоа не се снаоѓа во светот. Епигенетичките студии, како оние за социјални врски кај животни, покажуваат дека лишените од структура развиваат хроничен стрес.

За да се спречи ова, одговорниот сопственик купува кутре од одговорен одгледувач и ја продолжува работата на одгледувачите со систематски план: секој ден нови средби во контролирани услови, користејќи храна за позитивни асоцијации, кратки сесии од неколку минути за да се избегне преоптоварување. Водете го на прошетки низ различни населби во Скопје – од булеварите на Кисела Вода до парковите во Центар – изложувајќи го на сообраќај, деца на тротинети и скироли, лица со хендикеп, пешаци и велосипедисти. Организирајте игри со други социјализирани кучиња, секогаш набљудувајќи го јазикот на телото за да спречите негативни искуства. Груминг-услугите треба редовно да се користат веќе од третиот месец за да развие кутрето навика и култура на салонско однесување, а со тоа и да ја добие негата што му е потребна во најдобри услови. Дома, воспоставете рутина: утринска прошетка пред појадок, вечерна обука со команди. Ова не само што го прави кучето среќно туку го штити од локалните ризици, како бегство на улица.
На крајот, социјализацијата е инвестиција во хармоничен живот, потврдена од науката и лекциите од нашата реалност. Д-р Софија Јин, чии методи се применуваат глобално, рече: „На секое куче му треба човек што ќе го води како партнер во танц, не како шеф со сила“. Со правилен избор, континуитет и структура, вашето куче ќе биде гордост – самодоверливо, пријателско и безбедно за сите. Без тоа, ризикувате да го претворите во уште еден статистички случај од нашите улици, каде што напади од недоволно социјализирани кучиња продолжуваат да плашат заедници. Обврската е наша, а користа – заедничка.


Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.

Илија Петковски