Во македонскиот паб „Ѕе“ во Градскиот трговски центар викендов гостува фестивалот „Маломфестивал“, кој доаѓа од северот на Војводина.
Покрај музичките гости, во Скопје ќе допатуваат и директорот на фестивалот, Тамас Хорват, како и организаторите Леа Блашко и Војислав Бјелаковиќ, кои пред македонската јавност ќе го претстават и промовираат овој мошне значаен настан, кој е познат и како Фестивал на ветерници и се одржува секоја година во август во селото Ором, во општината Кањижа, на северот на Војводина.
„Маломфестивал“ во Ором се одржува три дена и нуди богати содржини од областа на уметноста, музиката и екологијата. Вообичаено има посетители од сите возрасти, кои уживаат во музичките настапи на домашни и странски изведувачи и уметници, а покрај музичката програма, на присутните им се нудат и други содржини како креативни кампови, работилници од областа на театарот, книжевноста, филмот, како и работилници за најмладите.
Овој викенд македонската публика ќе може да ги доживее настапите на „Скиер и Јети“ од Србија, „Такси консилиум“ од Македонија, како и диџеите: Воки, Свемирски Мјау и Димен.