Фестивалот „Сакура“, културно-едукативен настан чија цел е да ги доближи јапонската традиција, уметност и филозофија до локалната публика преку внимателно осмислена и содржајна програма, ќе се одржи денеска во паркот „Авионче“ во Аеродром. Настанот ќе се реализира во периодот од 12 до 15 часот и претставува синергија на едукативни, културни и забавни содржини, наменети за широката публика, вклучувајќи семејства, млади и љубители на интернационални култури.
Програмата на фестивалот опфаќа музички дел со настап на диџеј Филип Поповски, едукативна работилница „Играме И-ГО“ со професор Јошио Којама, насочена кон промоција на стратегиското размислување преку традиционалната јапонска игра, како и презентација на јапонски борачки вештини, со акцент на дисциплината, техниката и културното наследство. Фестивалот „Сакура“ има цел да поттикне културна размена, едукација и социјална интеракција, притоа создавајќи уникатно искуство инспирирано од симболиката на сакура – цвет што во јапонската култура претставува убавина, обновување и хармонија.
Настанот, кој е поддржан од Општина Аеродром, е отворен за јавноста и се очекува да придонесе кон збогатување на културната понуда во градот, како и кон зајакнување на интересот за интернационални културни содржини.