Институционална делегација составена од претставници на европските престолнини на културата во 2025 година, вклучувајќи ги градоначалникот на Горица (Италија), Родолфо Ѕиберна, градоначалникот на Нова Горица (Словенија), Само Турел, и директорката на проектите на ЕПК во градот Кемниц (Германија), Џозефин Хаге, учествуваше на еднодневни институционални состаноци и активности во Скопјe. Целта беше да се споделат постигнатите резултати и да се обезбедат експертиза и споделување искуства за поддршка на градот Скопјe, кој е назначен за Европска престолнина на културата за 2028 година.
Посетата е дел од поширока рамка на соработка и размена насочена кон споделување најдобри практики, организациски модели и стратешки визии што им овозможија на Горица и Нова Горица заеднички да ја добијат титулата во 2025 година, како прв пример за прекугранична европска престолнина на културата.
За време на институционалниот состанок, кој се одржа во Град Скопјe, а потоа на воведната сесија на техничката работилница, наменета за културни оператори од Македонија во „Јуроп хаус“, градоначалникот Родолфо Ѕиберна ја нагласи стратешката вредност на проектот „Европска престолнина на културата“ како скапоцена алатка за урбана, културна и социјална трансформација.
– Патот до Европската престолнина на културата (ЕПК) не е само пат до целна линија туку и длабок процес на раст и осознавање на една заедница. Во случајот со Горица и Нова Горица ја трансформиравме границата што со децении претставуваше поделба во простор за соработка и средба. Ова е вистинското европско наследство што сакаме да го споделиме со Скопје денес – рече тој.
Градоначалникот Ѕиберна, исто така, нагласи како титулата ЕПК претставува конкретна можност за зајакнување на чувството на европска припадност и промовирање на локалните култури во нивната препознатлива автентичност и територијалните квалитети на отворен и инклузивен начин.
– Искуството на Горица и Нова Горица, преку проектите имплементирани под слоганот „Гоу! Бордерлес 2025“, покажува дека културата може да стане извонредна алатка за надминување на бариерите, градење дијалог и за генерирање одржлив развој. Се надеваме дека Скопје ќе се впушти во ова патешествие со амбиција, целосно ангажирајќи ги своите граѓани, институции и културни субјекти – смета Ѕиберна.
Активностите продолжија со техничка работилница помеѓу делегациите составени од раководни лица и членови на организациските комитети на проектите ЕПК 2025 со организацискиот тим на „Скопје 2028“. Состаноците завршија со отворањето на фотографската изложба „Инспирации“ во Музејот на Град Скопје. На изложбата, која ќе биде отворена за јавноста до 26 април, ќе може да се видат слики од европските престолнини на културата за 2025 година, кои ја прикажуваат трансформативната моќ на културата како двигател на урбаниот развој, дијалогот и изградбата на заеднички европски идентитет.
Посетата претставува понатамошен чекор во зајакнувањето на односите меѓу европските градови вклучени во програмата ЕПК и ја потврдува активната улога на Горица, Нова Горица и Кемниц, и воопшто на земјите од Европската Унија, во промовирањето на вредностите на соработката, дијалогот и европската интеграција.