фото: Пиксабеј

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 1.221 вонредна инспекциска контрола во пресрет на велигденските празници, при што се изречени парични казни во износ од над 19.000 евра во денарска противвредност.

Како што информираат од АХВ, уништени се повеќе од 272 килограми небезбедна храна, најголемиот дел од животинско потекло.

Дополнително, на депонијата Дрисла нештетно се уништени и над 40 тони небезбедни јајца со потекло од Србија, кои биле спречени да влезат на пазарот.

– За утврдените недоследности, донесени се 35 решенија за нивно отстранување и изречени се шест опомени – информираат од АХВ.

Контролите откриле низа прекршувања, меѓу кои пласирање на храна со истечен рок, употреба на замрзнато месо во подготовка на производи, како и несоодветно означување на храната.

Во текот на инспекциите било утврдено дека седум објекти не биле регистрирани како оператори со храна, три не спровеле задолжителни здравствени прегледи за вработените, додека кај 13 оператори биле констатирани незадоволителни хигиенски и технички услови.

Од АХВ посочуваат дека контролите биле насочени кон сите сегменти од синџирот на храна, со цел спречување на пласирање небезбедни производи и сузбивање на нелегалната трговија во пресрет на празниците.