Македонија во духот на Велигден: Три децении пост, време за политичко економско и национално воскресение
- Во пресрет на Велигден, кога верата го слави воскресението како победа на животот над страдањето, Македонија повторно е соочена во своето историско огледало. Повеќе од три децении по осамостојувањето, наместо мирна консолидација, државата минуваше низ долг и тежок период на политички и идентитетски ултиматуми и уцени, а и низ институционални искушенија… Од Охридскиот рамковен договор, преку Преспанскиот договор, до Договорот за добрососедство, секој компромис беше претставуван како чекор напред, а секое ветување како „врата кон ЕУ“!? Но, наместо конечно интегрирање, патот се продолжуваше, а цената стануваше сè повисока. Денес повторно европско-неолиберални центри на моќ ја ставаат Македонија пред избор, на крстопат. Македонија е уморна од отстапки. Потребна ѝ е нова самодоверба за дигнитетот што го заслужува. Македонија има надворешни очекувања и внатрешната потреба за широка кохезија. Во светлина на симболиката на претстојниот празник, во тишината пред воскресението, метафорично се открива и еден политички наратив. Имено, дека сега во Македонија се живее во надеж дека завршил еден опскурен историски период и почнал нов, во кој во светлина на консолидацијата, растот и развојот ќе се одразат на личната и колективната благосостојба на нацијата
- За Македонија тоа може да значи нов почеток, не како отфрлање на интеграциите, туку како нивно редефинирање на порамноправна основа. Патот кон Европа не треба да биде пат на самонегација, туку на самопотврдување. Вистинското воскресение на државата нема да дојде преку надворешни ветувања, туку преку внатрешна консолидација. Силни институции, функционална, правна и правична држава и јасна национална визија се темелите врз кои може да се изгради нова етапа на развој. Како што симболиката на Велигден нè учи дека по најтемната ноќ доаѓа светлина, така и македонската приказна не мора и нема да заврши во стагнација. Напротив, токму сегашните предизвици може да станат точка на пресврт. Прашањето не е „дали Македонија ќе воскресне“, туку на кој начин. Дали тоа ќе биде резултат на наметнати решенија или на сопствена волја и зрелост?
Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, кога се слави воскресението како највисок триумф на животот над смртта, симболиката неизбежно се прелева и врз политичките размислувања на јавноста, визијата за нацијата и државата и судбината на луѓето, кои всушност се и вистинскиот извор и креатори на јавниот интерес. За Македонија, симболика за претстојниот празник не е само духовна туку и длабоко политичка, економско-социјална, културна, историска…
Историски долг „велигденски пост“ на Македонија од осамостојувањето, тежок и исцрпувачки, исполнет со жртви и искушенија
Три децении по осамостојувањето, македонската држава минува низ еден вид продолжен „историски велигденски пост“,тежок, исцрпувачки, исполнет со жртви и искушенија. Наместо очекуваното „воскресение“ во форма на стабилност, просперитет и рамноправност, патот беше обележан со отстапки, притисоци и постојани наметнувања за преиспитување и промени на македонскиот идентитет. Во тие години Македонија беше исправена пред низа одлуки што ја допираа самата суштина на нејзиното постоење. Промената на државните симболи, уставните интервенции и, конечно, промената на името преку Преспанскиот договор беа претставени како нужни чекори кон европската иднина. Но ветеното приближување кон Европската Унија остана недовршен процес, обременет со нови условувања. Истовремено, внатрешните предизвици не беа ништо помалку сложени. Конфликтот од 2001 година, кој дел од меѓународната заедница го дефинираше како „прашање на права“, остави длабоки институционални последици. Преку Охридскиот рамковен договор де факто беше направен флагрантен обид да се воспостави нов политички модел, кој, наместо да ја зајакне државата, постепено го трансформираше нејзиниот карактер, а ја воведе и во сериозна институционална дисфункционалност. Системот почна да се оддалечува од принципот на меритократија, заменувајќи го со етнички критериуми. Наместо натпревар на идеи, политичката сцена се претвори во натпревар на етнички наративи. Институциите, наместо да се консолидираат, често стануваа заложници на компромиси што ја разјадуваа својата ефикасност.
Македонија никогаш не била дефицитарна со издржливост, вера и внатрешна сила
На надворешен план, новите предизвици продолжија. Со Договорот за пријателство со Бугарија, спротивно на меѓународното право се отворија прашања што допираат до историјата, јазикот и националниот идентитет. Наместо затворање на споровите, тие често се продлабочуваа, создавајќи чувство на отпор кај граѓаните поради однадвор наметнатата историска ревизија, и за промени во националната историја со наметнување историографски фалсификати. Сето ова создаде амбиент во кој државата се движеше помеѓу очекувањата и реалноста, помеѓу ветувањата и блокадите.
Економијата стагнира под товарот на неизвесноста, правосудството се соочува со недоверба, а младите сè почесто ја бараат својата иднина надвор од границите. Но токму тука се раѓа вистинската симболика на Велигден. Воскресението не доаѓа без страдање. Тоа не е подарок, туку резултат на издржливост, вера и внатрешна сила. Македонија, и покрај сите притисоци, не исчезна. Напротив, опстана. Во таа опстојност лежи потенцијалот за ново будење. Сè погласно се слушаат идеи за враќање кон суштинските вредности на суверенитетот, традицијата, правдата и институционалната стабилност. Во Европа и светот зајакнуваат нови политички трендови што го афирмираат правото на нациите да го зачуваат својот идентитет, без да бидат ексклудирани од меѓународната заедница.
Можности за нови почетоци за Македонија
За Македонија тоа може да значи нов почеток, не како отфрлање на интеграциите, туку како нивно редефинирање на порамноправна основа. Патот кон Европа не треба да биде пат на самонегација, туку на самопотврдување. Вистинското „воскресение на државата“ нема да дојде преку надворешни ветувања, туку преку внатрешна консолидација. Силни институции, функционална, правна и правична држава и јасна национална визија се темелите врз кои може да се изгради нова етапа на развој. Како што симболиката на Велигден нè учи дека по најтемната ноќ доаѓа светлина, така и македонската приказна не мора да заврши во стагнација. Напротив, токму сегашните предизвици може да станат точка на пресврт. Прашањето не е дали Македонија ќе воскресне, туку на кој начин. Дали тоа ќе биде резултат на наметнати решенија или на сопствена волја и зрелост? Одговорот лежи во нас, во самото општество, во нашата способност да ги надминеме поделбите, да ги зајакнеме институциите и да ја вратиме довербата во државата како заеднички дом.
Во духот на Велигден, надежта и вербата во себе не се наивност, туку неопходност. Тоа е двигателот што ги мотивира поединецот и колективитетот и народите напред, дури и кога патот изгледа затворен. И можеби токму затоа, во ова време на искушенија, најсилната порака е едноставна, имено дека воскресението како една симболика значи надеж и верба и значи нешто што е преродба, трансформација кон подобро, понапредно, поуспешно. Значи дека и по долг период на притисоци и отстапки, една држава може повторно да се исправи.
Македонија, како и многупати низ историјата, стои исправено, победнички. И ако нешто нè учи Велигден, тоа е дека животот секогаш наоѓа начин да победи! Македонија ќе живее и Македонија ќе победи!
Редакција
„Нова Македонија“ (Р.Н.М.)
































