Фото: Принтскрин

Македонија е првата европска земја што воспоставила ваков вид стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави, изјави премиерот Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека државата во овој процес е третирана како рамноправен партнер, пренесе МИА.

Тој информира дека веќе е усогласена заедничка изјава за царинските тарифи, а потврдени се и одредени инвестиции кои допрва треба да се реализираат. Според него, ова претставува значаен чекор напред во билатералните односи меѓу двете земји.

Мицкоски нагласи дека разговорите се водат на високо ниво, со учество на високи претставници од американската администрација, при што се отворени клучни теми како одбраната, безбедноста, енергетиката и дигиталната трансформација.

Како што посочи, соработката опфаќа и размена на информации во безбедносниот сектор, што треба да придонесе за зголемување на ефикасноста на институциите.

Премиерот оцени дека ваквиот пристап ја позиционира Македонија како значаен стратешки партнер на САД во регионот и ја приближува кон унапредување на меѓународната соработка.