Пресудата на Граѓанскиот суд во Скопје со која се утврдува дека Живко Митрески бил незаконски сменет од функцијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во 2017 година, отвори нов судир меѓу поранешното и актуелното раководство на синдикатот.
Митрески на прес-конференција соопшти дека со судската одлука се потврдува ништовноста на неговата смена, како и на сите одлуки и акти донесени од страна на ССМ по 2017 година. Во пресудата, како што посочи, за ништовна се смета и одлуката за избор на претседател на вонредниот конгрес од 6 декември 2017 година, како и сите дејствија преземени од тогашниот претседател Дарко Димовски.
– Кога се утврдува ништовност, се враќаме во поранешната состојба. Тоа значи ревизија на сите одлуки донесени по 2017 година, бидејќи тие правно отпаѓаат – појасни адвокатот Сашко Станинов.
Митрески најави дека негов следен чекор ќе биде враќање во синдикатот и консолидација на состојбите, а воедно го критикуваше актуелниот претседател Слободан Трендафилов, оценувајќи дека „не знае да води синдикална организација“.
Од друга страна, актуелното раководство на ССМ ја оспорува пресудата и ја оценува како обид за институционален притисок врз синдикатот.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов изјави дека станува збор за втора пресуда, откако Апелациониот суд претходно ја укинал првичната одлука со цел да се утврди дали има правен основ за водење постапка против починато лице.
– Жалосно е што поединци во судството судат на починат човек. Очекуваме Апелациониот суд повторно да ја разгледа жалбата и да утврди дека Основниот суд не постапил правилно – рече Трендафилов.
Тој нагласи дека синдикатите, согласно меѓународните конвенции, имаат право самостојно да ги избираат своите претставници и потсети дека по 2017 година се одржани редовни конгреси во 2020 и 2023 година, на кои Митрески не се кандидирал.
– Ако некој мисли дека претседатели може да се поставуваат по желба, се лаже. Ние денес браниме човек кој не може сам да се брани – изјави Трендафилов, алудирајќи на поранешниот претседател Дарко Димовски.
Тој додаде дека во периодот кога Димовски бил на чело на ССМ, биле реализирани значајни синдикални успеси, како воведување на недела како неработен ден, организирање генерален штрајк и зголемување на минималната плата.
Во меѓувреме, од ССМ најавија дека годинава Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај ќе го одбележат со протест под мотото „Се бориме за зголемување на платите, а не се молиме“, со кој повторно ќе бараат повисоки плати.
Со ова, спорот околу легитимитетот на раководството на ССМ продолжува и се очекува да добие нова разврска пред повисоките судски инстанци.



































