Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска соопшти дека добила информации од Иран за ракетен удар во област во близина на нуклеарната централа во Бушер. Според агенцијата, во инцидентот бил погоден дел од локацијата, при што едно лице од обезбедувањето загинало откако било погодено од фрагмент од ракета.
Во соопштение објавено на платформата „X“, МААЕ информира дека зграда во рамки на комплексот била оштетена од ударни бранови и фрагменти од проектилот. И покрај тоа, агенцијата нагласи дека „не е пријавено зголемување на нивото на зрачење“.
Иранските медиуми претходно објавија дека инцидентот не предизвикал поголеми оштетувања на нуклеарната централа и дека производството на електрична енергија продолжува без прекин. Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата.
































