Цената на нафтата од типот „брент“ бележи нов раст и достигнува највисоки нивоа во текот на денешното тргување. Фјучерсите се движат кон 107 долари по барел, што претставува зголемување од повеќе од 5 отсто, само два часа по обраќањето на американскиот претседател Доналд Трамп за војната со Иран.
Растот следува по неговата најава за засилување на нападите во наредните две до три недели, што дополнително ја зголеми неизвесноста на енергетските пазари.
Во текот на вчерашниот ден, цените привремено опаднаа поради надежите дека конфликтот би можел наскоро да заврши, пренесува „Си-би-ес њуз“.
Во своето обраќање од Белата куќа, Трамп изјави дека воената мисија ќе заврши „многу брзо“, посочувајќи дека досега се постигнати „убедливи победи“. Истовремено, тој предупреди дека САД ќе извршат „исклучително силни“ напади доколку не се постигне договор со иранското раководство.
Американскиот претседател додаде дека потенцијални цели би биле иранските електрани и нафтени постројки, што дополнително ги зголеми стравувањата од нарушување на глобалното снабдување со енергенси.
































