Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп, кој го информирал за можност за постигнување договор со Иран што, како што рече, би ги заштитил израелските интереси.
Во видео-обраќање, Нетанјаху посочи дека Трамп смета оти постои реална шанса воените успеси на израелската армија и американските сили да се искористат за постигнување на целите преку дипломатско решение.
Сепак, тој нагласи дека Израел ќе продолжи да дејствува решително на терен. Според неговите зборови, воените операции во Иран и Либан продолжуваат, со фокус на неутрализирање на ракетната и нуклеарната програма, како и на активностите против Хезболах.
Нетанјаху додаде дека во последните денови биле ликвидирани и двајца нуклеарни научници, потенцирајќи дека Израел ќе ги штити своите витални интереси „во секоја ситуација“, без оглед на текот на дипломатските разговори.
































