АНАЛИЗА НА ЕХФ
- Видеорепродукцијата (ВР) сега е добро воспоставена технологија на ЕП, а нејзиното зголемено значење ја направи суштинска алатка за судиите. „Забележавме зголемување главно затоа што играта станува побрза, ситуациите стануваат посложени, а очекувањата за точност се повисоки од кога било. И важно е тоа што технологијата сега е подобро интегрирана и повеќе ѝ веруваат сите вклучени“, рече Бебетсос од Одделот за судии на ЕХФ
Технологијата за видеорепродукција (ВР) и понатаму е суштинска алатка за обезбедување фер игра и прецизност, како што е нагласено во најновата анализа за нејзината употреба за време на Европското првенство (ЕП) годинава, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Прегледот дава подобро објаснување за тоа како технологијата била имплементирана и користена за време на турнирот, потврдувајќи ја нејзината важност во водечките ракометни натпреварувања. Обемната анализа, спроведена од Џорџ Бебетсос од Одделот за судии на ЕХФ, аналитичарот на податоци за ВР на ЕХФ Диого Гонсалвес и менаџерот за ВР на ЕХФ Жоао Капела, вклучува увид во специфични области како што се точноста на одлуките, времето и ефикасноста и анализата на клучните ситуации, а обезбедува и податоци за динамиката на турнирот, трендовите, шемите и препораките за најдобри практики.
Експертите ја проучуваа употребата на ВР на ЕП 2026 и открија дека имало барем една видеорепродукција во 45 од 65 меча, а турнирот имал 83 случаи во кои била користена видеоанализа. Компаративната анализа покажува поголема употреба на ВР во споредба со претходното ЕП за ракометари.
Еволуцијата на спортот игра важна улога во поголемата употреба на ВР, како што вели Бебетсос.
– Забележавме зголемување главно затоа што играта станува побрза, ситуациите стануваат посложени, а очекувањата за точност се повисоки од кога било. Судиите го користат системот почесто за да бидат апсолутно сигурни во клучните моменти, особено во натпреварите со висок влог – вели тој.
Обезбедувањето прецизност под притисок е забележливо и во зголемената фреквенција на видеоповторувањата во последниот викенд на ЕП 2026, кога се играа мечевите за пласман. Фреквенцијата достигна врв од 1,6 прегледи по меч, што укажува дека во средбите со висок влог судиите се исклучително претпазливи и често проверуваат, пишува ЕХФ.
– Годинава имавме и одлучувачки и ситуации под висок притисок, особено во финалето и во одредени денови на натпреварување каде што судиите природно одлучија двојно да ги проверат критичните ситуации. И важно е тоа што технологијата сега е подобро интегрирана и повеќе ѝ веруваат сите вклучени. Порастот не е знак на неизвесност, тоа е знак дека судиите ги користат достапните алатки за да обезбедат фер игра и конзистентност – рече Бебетсос.
Еден од главните заклучоци од оваа студија е важноста на ВР за подобрување на прецизноста, транспарентноста и фер играта, а наедно и зачувување на авторитетот на судиите. И покрај поголемата фреквенција и подолгите процеси, ВР не е наменета да ги поништи одлуките на судиите, туку служи како алатка за поддршка на нивното донесување одлуки, пишува ЕХФ.
– Системот е дизајниран да ги поддржува судиите, а не да ја преземе нивната улога. Ракометот е полн со динамични ситуации базирани на контакт каде што човечката интерпретација е од суштинско значење. ВР може да покаже што се случило, но не може сама по себе да ја процени намерата, интензитетот или контекстот. Тие ги користат своето искуство, чувството за играта и разбирањето на правилата за да го протолкуваат она што го покажува видеото. ВР е едноставно алатка што им помага да бидат попрецизни во тешки или нејасни моменти. Иако ја прави играта пофер, никогаш нема да го замени човечкиот елемент, кој е фундаментален за судењето – вели Бебетсос. Н.М.































