Со изградбата на браната Отиња, која е реализирана околу 70 проценти, источниот дел на Македонија ќе го добие првото рекреативно вештачко езеро, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
При увид на терен, тој истакна дека проектот се реализира според планираната динамика и дека се обезбедени доволно средства. Од вкупно 488 милиони денари, досега се реализирани 311 милиони денари.
Според најавите, изградбата на браната треба да заврши до април 2027 година, но доколку временските услови бидат поволни, можно е градежните работи да бидат финализирани и порано. По завршувањето, ќе биде потребен период од околу една година за полнење на езерото, по што се очекува да биде ставено во функција во пролетта 2028 година.
Како што посочи Николоски, идното езеро треба да стане значајна туристичка атракција, слична на Мавровско Езеро, со потенцијал да го поттикне развојот на туризмот, рекреацијата и локалната економија во регионот.
Покрај туристичката намена, езерото ќе има и практична функција – ќе се користи за наводнување, а во одредени периоди и како дополнителен извор за водоснабдување.
Во рамки на проектот, планирано е и уредување на просторот околу езерото, при што трупот на браната ќе се користи како патека што ќе го поврзе езерото со Штип.


































