Фото: ЛС Прилеп

Во рамки на проектот „Пошумување на споменикот на природата „Маркови Кули“, финансиран од Бирото за регионален развој, а како дел од одбележувањето на Денот на пролетта, денеска во Прилеп беше реализирана акција за пошумување на еден од најзначајните природни локалитети на подрачјето на Општина Прилеп.

Дел од локалитетот Маркови Кули, кој се наоѓа над новите градски гробишта на патот за Трескавец, беше пошумен со 6.000 садници на даб, согласно стручните прописи за зачувување на заштитеното природно наследство.

Фото: ЛС Прилеп

– Видот на садниците е определен согласно прописите кои ги налагаат од Институтот за старословенска култура, кои се задолжени за одржување на изгледот на овој споменик на природата и она што значи заштитено културно наследство овде на територија на општина Прилеп. Сметам дека ова е начинот на кој треба секој Ден на пролетта да се одбележи, и во иднина сѐ почести да бидат ваквите акции за пошумување на природата – нагласи градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.

Заменик‑директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, посочи дека најголемо задоволство му правело тоа што гледал и најмали дечиња, кои со своите родители дале придонес кон ова што треба да биде слика во цела Македонија.

Покрај садниците, Општина Прилеп обезбеди и значајна опрема за идни акции, меѓу кои: Трактор, 25 дупчалки за садење и околу 100 парчиња друг алат.

Оваа опрема во иднина ќе им биде на располагање на сите граѓани и доброволци кои сакаат да се вклучат во активности за пошумување и унапредување на животната средина.

Во акцијата активно учествуваа претставници на Локалната самоуправа, општинските јавни претпријатија, училиштата, државни институции, „Македонски шуми“, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп и голем број волонтери и здруженија на граѓани.
Ова беше уште една успешна активност, велат од општината, што ја зајакнува заедничката грижа за природното богатство на Општината и ја поттикнува одржливата грижа за животната средина.
Ка.М.