Фото: Музеј-галерија Кавадарци

Отворањето на петтата самостојна изложба на реномираниот македонски ликовен
уметник Стефан Хаџи-Николов во Кавадарци од вкупно 94 кои досега ги има реализирано несомнено претставува несекојдневно доживување на ликовна интерпретација на женскиот принцип како извор на живот, енергија и креативна преобразба.

Во оваа изложба женската фигура претставува централна енергетска и симболичка оска на композицијата а мотивите на грозјето, виното и природните елементи дополнително ја нагласуваат темата на зреењето, плодноста и преобразбата. Во тој визуелен дијалог меѓу форма и енергија, жената не се појавува само како инспирација, туку како суштинска сила што ја обликува формата, ја движи бојата и го
отвора просторот на современата ликовна мисла. Бидејќи Кавадарци по Скопје и Охрид е третиот град во која авторот Хаџи-Николов има отворено најмногу изложби , тој се потрудил во изборот на дела од неговиот опус да одбере понови дела создадени последните години кои досега не се изложувани пред кавадарчани.

Дополнително изложбата добива поголемо значење затоа што се
отвора во годината кога Музеј-галеријата во Кавадарци одбележува значаен јубилеј 50 години од постоењето со тенденција во текот на годината да бидат опфатени најзначајните автори од областа на културата во Македонија.

Во делата на Стефан Хаџи-Николов телото на жената е претставено достоинствено и
смирено, како носител на внатрешна стабилност и автономија. Наместо наративна драматичност, авторот создава атмосфера на тивка сензуалност и медитативна присутност, во која светлината и бојата ја следат формата и ја продлабочуваат нејзината значајна димензија.

Жената се појавува како тивко, но силно присуство – како извор од кој се организира просторот, ритамот и визуелната енергија на сликата. Паралелно со фигуративниот слој, се развива експресивен апстрактен јазик во кои колоритните динамики- длабоки сини, интензивни црвени и златести тонови – функционираат како визуелни полиња на енергија.

Во тие композиции бојата не ја опишува формата, туку ја
продолжува создавајќи простор на емоционална и симболичка вибрација – рече кустосот Зорица Ташовска Илова која заедно со кустосот Трајче Цветков се куратори на изложбата. Значајно е да се спомене дека Стефан Хаџи-Николов за неговото творештво досега ги има добиено сите позначајни награди во Македонија а наградуван е во Унгарија, Србија и Бугарија.

Изложувал во Лондон, Париз, Љубљана, Белград, Котор, Приштина, Софија, Истамбул, Анкара и речиси во сите градови во Македонија. Најверојатно е омилен уметник во Варна каде досега има отворено петнаесетина изложби како и во други градови во Бугарија но сепак првото место е оставено за неговиот роден град Скопје каде и денес живее и работи.

Мирјана Мукаетова