Македонскиот поет Ѓоко Здравески ќе биде гостин на еден од најдолготрајните фестивали на поезија во светот, „Горанова пролет“, кој годинава ќе се одржи по 63-ти пат, од 19 до 22 март, во Загреб, Луковдол и во Риека, Хрватска. Фестивалот е посветен на живите поетски гласови – домашни, регионални, европски и светски, а се одржува во чест и спомен на Иван Горан Ковачиќ, како и на идејата за поезијата како форма на борба за лична и универзална слобода. Програмите традиционално се одржуваат околу првиот ден од пролетта, роденденот на Иван Горан Ковачиќ и Светскиот ден на поезијата.
На фестивалот ќе настапат околу четириесет поети од сите генерации од Хрватска и од светот, а меѓународниот фокус оваа година е на поетските гласови од Северна Европа. Традиционалните награди „Горанов венец“ за целокупен придонес во поезијата и „Горан за млади поети“ ќе бидат доделени за време на фестивалот.
Ѓоко Здравески работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и на ИНАЛКО во Париз. Од јуни 2014 до јуни 2018 година, заедно со Ана Голејшка, во „Менада“ ги организирал книжевните читања „Астални проекции“, бил дел од организацијата на неколку изданија на скопскиот фестивал за кратки фикции „Друга приказна“, бил дел од организацијата на фестивалот „Артерија“, а од 2021 до 2024 година бил и еден од организаторите на „Скопскиот поетски фестивал“. Објавил пет книги поезија, првите четири во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“: „Палиндром со две н“ (2010), „Куќичка за птици преселници“ (2013), „Љубавина“ (2016) и „Дедикар икарал“ (2017), а последната книга поезија „Небо трето“ (2025) ја објавува во издавачката куќа „Бегемот“. Поезијата му е објавена на десетина европски јазици.































