Фото:МОН

Министерството за образование и наука започнува нова инвестициска фаза за подобрување на образовната инфраструктура, со фокус на студентските домови и училиштата со ресурсни центри.

Годинава, покрај продолжување на реконструкцијата на државните студентски домови, ќе започне и темелна обнова на државните училишта со ресурсни центри, кои имаат клучна улога во инклузивното образование.

За оваа намена се обезбедени 40 милиони евра од Германската развојна банка KfW, со поддршка на Европската унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Средствата ќе бидат искористени за втората фаза од енергетски ефикасната реконструкција на преостанатите седум студентски домови. Во моментов, домовите „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ веќе се во активна фаза на обнова.

Паралелно, ќе се реконструираат и објектите на седум државни училишта со ресурсни центри, наменети за ученици со посебни образовни потреби.

Дополнително, преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан, обезбеден е грант од 1,25 милиони евра за подготовка на проектната документација, енергетски анализи и тендерски постапки.

Договорите за користење на средствата ги потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на KfW, во присуство на претставници од Делегацијата на Европската унија и германската амбасада во Скопје.

Од Министерството посочуваат дека оваа инвестиција ќе придонесе за подобри услови за учење и живот на учениците и студентите, зголемување на инклузивноста, подобрување на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на јаглерод диоксид.