Фото: Доналд Трамп/Официјален фејсбук профил

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го критикуваше одбивањето на американските сојузници да испратат сили за заштита на Ормускиот теснец, кој беше блокиран од Иран по израелско-американската воена операција, и се закани дека Вашингтон нема да се грижи за неговата безбедност.

Како што вели, „длабоко е иритиран од одбивањето на главните сојузници на Вашингтон во НАТО, вклучувајќи ги Франција и Велика Британија, да им помогнат на САД да го деблокираат Ормускиот теснец“, низ кој транзитираа 20 отсто од светската сурова нафта пред војната на Блискиот Исток.

-Се прашувам што би се случило ако го завршиме она што остана од терористичката држава Иран и им дозволиме на земјите што имаат корист од таканаречениот „Теснец“ да ја преземат одговорноста за тоа? Тоа би ги натерало некои од нашите неактивни сојузници да се заложат, и тоа брзо!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.

По критиките од Трамп, шефот на НАТО, Марк Руте, изјави дека „земјите-членки на НАТО во моментов разговараат за најдобриот начин за отворање на Ормускиот теснец, блокиран од Иран по израелско-американската воена операција“.

-Секако, сите се согласуваме дека теснецот мора да се отвори. Според информациите што ги имам, сојузниците во моментов работат заедно и разговараат за најдобриот начин да дејствуваат и да го деблокираат Ормускиот теснец-, рече Марк Руте, кој е во посета на северна Норвешка, каде што се одржува воената вежба „Студен одговор“.