Фото: Принтскрин

Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, ги отфрли директните преговори со Соединетите Американски Држави за нуклеарната програма, со што дополнително се намалуваат шансите за дипломатско решение и се зголемува веројатноста за повторно воведување санкции на Обединетите нации кон Иран, пренесе „Асошиејтед прес“.

Изјавите на Хамнеи, емитувани на државната телевизија, се сметаат за сигнал дека Техеран нема намера да влезе во директни разговори со Вашингтон.

Ова, според аналитичарите, може да го ограничи просторот за дипломатска иницијатива на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој престојува во Њујорк на Генерално собрание на Обединетите нации.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи оствари средби со дипломати од Франција, Германија и Обединетото Кралство, каде што се разговарало за можноста од повторно активирање на санкциите, кои би можеле да стапат на сила веќе во наредните денови.

 – Разговорите со САД се чист ќорсокак – изјави Хамнеи, оценувајќи дека Вашингтон однапред ги дефинирал условите.

 – Резултатот што го нудат е запирање на нуклеарните активности и збогатувањето. Тоа не е преговарање, туку диктат и наметнување – додаде тој.

Од друга страна, од Министерство за надворешни работи на Германија соопштија дека европските партнери, заедно со Европската Унија, го повикале Иран итно да преземе чекори за решавање на спорните прашања околу нуклеарната програма. Тие бараат продолжување на директните разговори со САД и овозможување целосен пристап за Меѓународна агенција за атомска енергија до иранските нуклеарни постројки, во согласност со меѓународните обврски.