Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во 2025 година, 71,9 проценти од луѓето во Европската Унија на возраст од 16 до 74 години користеле веб-страници или апликации на јавни институции, што претставува зголемување од 1,9 процентни поени во однос на 2024 година, покажуваат податоците на Евростат.

Во Македонија, 32,32 проценти од граѓаните користеле услуги на е-влада. Најчесто користени услуги биле преземање или печатење официјални обрасци (17,11 проценти), барање официјални документи или сертификати (15,44 проценти), пристап до јавни бази на податоци или регистри (12,94 проценти) и пристап до лични информации (10,96 проценти).

Во споредба со земјите од регионот, најголемо користење на е-услуги има во Грција со 71,99 проценти, потоа Хрватска со 65,68 проценти, Србија со 64,23 проценти, Црна Гора со 52,39 проценти, Босна и Херцеговина со 37,87 проценти и Бугарија со 35,95 проценти. За Албанија и Косово нема достапни податоци.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски неодамна информираше дека Порталот за услуги бележи рекордни резултати и станува централна точка за електронските услуги за граѓаните.

Според податоците за 2025 година, порталот остварил 290 проценти раст на издадени услуги и 166 проценти раст на корисници. Андоновски нагласи дека платформата постојано се надградува и генерира од 3 до 4 нови услуги месечно, пренесува МИА.

Во Европската Унија, највисоко користење на услугите за е-влада има во Данска со 98,0 проценти, Холандија со 96,2 проценти, Финска со 96,1 проценти и Шведска со 96,0 проценти. Најниско ниво е регистрирано во Романија со 24,1 проценти, Бугарија со 36,0 проценти и Италија со 57,7 проценти.

Најчестата употреба на е-услугите во ЕУ била за добивање информации за услуги, бенефиции, закони или работно време (44,2 проценти), потоа пристап до лични информации (41,3 проценти) и поднесување даночни пријави (38,2 проценти).

Граѓаните ги користеле е-услугите и за закажување состаноци или резервации (38,1 проценти), преземање или печатење официјални обрасци (36,7 проценти), примање официјална комуникација или документи (36,6 проценти), барање официјални документи или сертификати (20,8 проценти), пристап до јавни бази на податоци или регистри (20,7 проценти), барање бенефиции или права (18,1 проценти) и поднесување други барања или жалби (5,7 проценти).