Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Кочани присуствуваше на одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, при што порача дека споменот за настраданите треба да остане вечен, а заедништвото и човечноста да бидат сила што ќе ја води земјата напред, пренесе МИА.

На настанот во Паркот на револуцијата во Кочани премиерот оддаде почит на жртвите и истакна дека и една година по трагедијата болката и празнината сè уште силно се чувствуваат.

-Денес, во Кочани, оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа – напиша Мицкоски на Фејсбук.

Тој се потпиша и во книгата на жалост, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите, а присуствуваше и на комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, кој се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.

-Со голема почит се потпишав во книгата на жалост како искрен чин на почит кон настраданите и како израз на солидарност со нивните семејства. Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единството нека бидат сила што ќе нè води напред. Со длабоко сочувство кон семејствата – Кочани памети, Македонија памети – истакна премиерот.