Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Професорот од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, против кого имаше пријава за сексуално вознемирување ученичка, е суспендиран. Ова денеска го изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

– Државниот просветен инспекторат постапува. Пријавен е во полицијата – истакна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на резултатите од истражувањето „Анализа на финансиската писменост во основното образование“.

На 9.3.2026, во 17:30 часот, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 52-годишен маж од Скопје, наставник во средно училиште на подрачјето на Центар, постапувајќи по претходна пријава дека во периодот од 25.2.2026 до 2.3.2026 вознемирувал 18-годишна ученичка и барал од неа да имаат полови односи. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава – информираа од МВР.

Судија на претходна постапка одредил мерки на претпазливост – одземање патна исправа, забрана за определни работни активности поврзани со кривичното дело и забрана за приближување на професорот од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, кој е осомничен за кривично дело сексуално вознемирување врз своја ученичка, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.