Популарната инстаграм страница Дневна доза правопис објави список од дваесет изрази што младите секојдневно ги користат во говорот, а кои често предизвикуваат збунетост кај постарите генерации.
Изрази како „кринџ“, „делулу“ или „вирално“ сè почесто се слушаат во секојдневната комуникација, особено меѓу припадниците на Генерација З – луѓе родени од средината на деведесеттите до раните 2000-ти години.
Оваа генерација создаде специфичен јазичен стил што претставува мешавина од англиски интернет-сленг и домашна граматика. Многу од овие зборови постепено стануваат дел од секојдневниот говор на младите. Со цел да им помогне на „постарите“ подобро да ги разберат новите изрази, страницата објави мини-речник со нивното значење, објави порталот Телеграф.
Според објавата, „кринџ“ се користи за да се опише чувство на непријатност предизвикано од нечие однесување, додека „делулу“, изведено од англискиот збор delusional, означува личност која има нереални или неосновани надежи. Терминот „ЕН-ПИ-СИ“ (NPC – non-player character) се употребува за небитна личност или некој кој нема сопствен став и влијание. Изразот „флекс“ се однесува на покажување или фалење со богатство, успех или статус, а „слеј“ се користи кога некој прави нешто одлично или изгледа особено добро.
Зборот „дигиталец“ се користи за личност која постојано е на телефонот и се смета дека е социјално отсутна, додека „риз“ (од charisma) означува харизма или способност за флерт. „Синовати“ значи прочитување порака без да се одговори на неа, а „краш“ е симпатија или личност кон која некој чувствува привлечност. „Хајп“ означува голема возбуда или популарност околу одредена тема или содржина, додека „вирално“ се однесува на содржина што брзо се шири на интернет и на социјалните мрежи.
Меѓу честите изрази е и „рандом“, што означува нешто случајно или произволно, додека „пик ми“ (pick me) се користи за личност која се обидува да се прикаже како посебна за да привлече внимание. Зборот „сус“, изведен од suspicious, значи сомнително или нешто што предизвикува недоверба. „Сигма“ се користи за самоуверен и успешен маж со силна индивидуалност. Терминот „спојловање“ означува откривање детали од филм, серија или книга пред некој да ги гледа или чита, а „гејткопување“ се однесува на намерно криење информации за нешто што некому му се допаѓа.
Во интернет-комуникацијата често се користи и кратенката „ПОВ“ (POV – point of view), со која се опишува ситуација од перспектива на одредена личност. Во разговорниот интернет-сленг се користат и симболичните букви „Л“, што означува пораз или неуспех, и „В“, што означува победа или позитивен исход.
Објавата предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Дел од коментаторите посочија дека ваквите јазични трендови се нормални и дека секоја генерација има свои специфични изрази кои на постарите им звучат необично. Други, пак, сметаат дека современата комуникација сè повеќе се исполнува со зборови преземени од англискиот јазик, поради што многу од нив звучат неприродно во секојдневниот говор.


































