Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратениците во Европскиот парламент денеска усвоија стратегија за проширување на Европската унија во која се оценува дека проширувањето е стратешки одговор на променливата геополитичка реалност и витална инвестиција во безбедноста и стабилноста на ЕУ.

Според усвоениот документ, цената на непроширувањето би ја надминала цената на придружувањето на нови членки на ЕУ, што би ризикувало создавање на геополитички сиви зони подложни на антагонистичко странско влијание, јави радио Слободна Европа, пренесува МИА.

За извештајот гласале 385 европски пратеници, против биле 147, додека 98 биле воздржани.

Авторот на нацрт-документот, пратеникот Петрас Ауштревичиус, оцени дека во услови на предизвиците на денешницата мора да дојде до подобрување на моделот на интеграција во ЕУ за подобро да се одразуваат интересите на Унијата и очекувањата на земјите кандидати.

– Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со внатрешните реформи за да се заштити функционирањето на ЕУ и да се подобрат процесите на донесување одлуки, вклучувајќи поголема употреба на гласање со квалификувано мнозинство. ЕУ мора да ги заврши овие реформи до моментот кога кандидатите кои водат кон ЕУ ќе ги исполнат критериумите за членство и ќе бидат подготвени за пристапување во ЕУ – оцени Ауштревичиус.

Во усвоениот документ се наведува дека Црна Гора и Албанија веќе поставија амбициозни цели за завршување на преговорите за пристапување до крајот на 2026, односно 2027 година. Се истакнува дека ЕУ би требало да ги охрабри овие земји кога нивните амбиции ќе бидат придружени со опипливи реформи, па се повикува Советот на ЕУ да го признае овој замав и да ги отстрани сите препреки кои постојат на страната на ЕУ. Преку овој извештај се повикува и на што побрзо отворање на преговарачките кластери со Украина и Молдавија.

Во документот се истакнува дека членството во ЕУ мора да остане засновано на заслуги, а процесот реверзибилен. Ниту една земја, како што стои во документот, не смее да се третира како дел од пакет. Европските пратеници преку извештајот порачуваат дека не може да има кратенки во поглед на вредностите и темелните принципи на ЕУ.

– Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите, правата на малцинствата, независноста на правосудството и борбата против корупцијата мора да останат во прв план на процесот на проширување, со одржлива поддршка на граѓанското општество – се наведува во документот.

Исто така се подвлекува неопходноста од усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што се оценува како „клучен показател за геостратешката ориентација на земјата кандидат“.

Пратениците на Европскиот парламент забележуваат дека најзагрижувачкото демократско назадување се случува во земјите на проширување со најниска усогласеност со заедничката европска политика на санкции, како и во оние земји каде што процесот на пристапување ефективно е во застој.

Ден пред гласањето за овој извештај беше одржана расправа во Европскиот парламент на која присуствуваше и европската комесарка Марта Кос, која порача дека ЕУ нема да дозволи придружување на земји кои би можеле тајно да ги поткопуваат нејзините вредности или институции.

– Нема тројански коњи. Земјите кои би нè поткопале одвнатре не можат да станат членки на ЕУ. Мораме да бидеме апсолутно сигурни во тоа. Земјите кои се придружуваат на ЕУ мора да бидат силни и отпорни демократии способни да му се спротивстават на токсичното влијание на Русија и на другите – рече Марта Кос вчера во Европскиот парламент.